Пред две децении, во 11.19 часот на 20 април 1999 година, учениците Ерик Харис и Дилан Клеболд со пушки и со пиштоли упаднаа во средното училиште „Колумбајн“, Колорадо, и убија 12 соученици и еден наставник. Тие ранија уште 21 едно лице пред да се самоубијат. За среќа, не ги активираа експлозивите поставени во и околу училиштето, па беше избегната уште поголема трагедија.
Тоа не беше прв училиштен масакр во САД, но беше најсмртоносен во тој период, па длабоко ја потресе земјата и поттикна иницијатива за заострување на контролата на оружјето. „Колумбајн“ не беше ни последен масакр во САД. За 20 години, во повеќе училишни масакри со две или повеќе жртви (без напаѓачите), вкупно се убиени 168 лица, а ранети се уште 151.
Неделава, наместо со молитви и со комеморации да одбележат 20 години од „Колумбајн“, милиони американски родители и ученици се разбудија со веста за ученичка восхитена од масакрот, која долетала во Колорадо, што ги натера властите превентивно да затворат стотици училишта и да организираат масовна потрага по неа. На крајот, ученичката од Флорида се самоуби и нејзиното тело беше пронајдено во планина западно од Денвер. Инцидентот одново ја разгоре дебатата во САД за контрола на оружјето, која до денес нема поголем напредок.