Најмалку пет лица синоќа се убиени низ Мјанмар во обидите на армијата да ги задуши протестите.
И покрај заканата од насилство, луѓето низ целата земја се спротивставија на воениот удар во февруари, вклучително и во државите Мандалај, Мон и Кајах и во регионите Сагаинг и Танинтари. Од пучот, армијата насилно се обидува да ги задуши протестите и досега се убиени најмалку 550 лица, од кои 46 деца, соопшти невладината организација Здружение за помош на политички затвореници.
Во моментов приведени се 2.751 лице, а распишани се и 126 потерници. Државните медиуми синоќа јавија дека се покренати обвиненија против 18 познати телевизиски лица, инфлуенсери на социјалните мрежи и еден новинар за „ширење на материјал со цел припадниците на вооружените сили да се поттикнат на бунт или непочитување на нивната должност“.
– Тие не ги само апсат луѓето за кои се издадени налози. Ако сакаат, тие дури и ја кршат вратата и апсат. Тие не пукаат и убиваат само демонстранти кои се на улиците. Ако сакаат, тие исто така пукаат во петгодишно дете кое беше дома – напиша на Фејсбук Паинг Пјое Ту, позната актерка во Мјанмар, која е меѓу обвинетите.