Насилни демонстрации против полициската бруталност и расизмот се одржаа и во Денвер, Колорадо, објави денеска агенцијата АП.
Според извештаите на медиумите, за време на протестите автомобил удрил во толпа демонстранти, а маж бил застрелан во предградието на Денвер, Аурора.
Локалната полиција соопшти дека автомобилот влетал и минал низ толпа демонстранти на автопатот И-225, а еден демонстрант пукал со огнено оружје и ранил најмалку едно лице кое потоа било однесено во болница и во моментот е во стабилна состојба, надвор од животна опасност.
Возилото потоа било однесено на форензичка анализа, а властите јавниот собир го прогласиле за незаконски, па на демонстрантите им било наредено да заминат.
Во Аурора демонстрациите започнаа поради убиството на осомничениот Афроамериканец Елајџа Меклејн (23), кого полицијата го уапсила на пат од работа кон дома, а потоа доктор од брза помош, на барање на полицајците, му вбризгал инјекција за смирување, за која подоцна се покажало дека била смртноносна за него.