Лекарите со заштитна опрема ги породуваат заразените мајки

Пренесувањето на коронавирусот од мајка на дете, во стомакот или при породувањето, е ретко, велат експертите, кои, сепак, нагласуваат дека ваквите тврдења мора да се изнесуваат претпазливо, зашто ситуацијата брзо се менува

ОХРАБРУВАЧКА ПРИКАЗНА ОД ИНДИСКА БОЛНИЦА

Над 100 здрави бебиња се родени од мајки заразени со новиот коронавирус во болница во западниот индиски град Мумбаи. Три од 115-те бебиња родени од заразени мајки во општа болница во градот во изминатиот месец првично имале позитивни тестови на ковид-19, но подоцнежните тестови дале негативни резултати. Две други заразени бремени жени починале во болницата, меѓу кои и една што починала пред да се роди нејзиното бебе, велат лекарите.

Повеќе од половина од бебињата родени од заразени жени во болницата се родени со царски рез, додека другите се родени по природен пат. Според податоците, 56 се момчиња, а 59 девојчиња. Дваесет и две од заразените мајки потоа биле донесени од други болници. Засега е нејасно дали повеќето од жените се заразиле дома, на отворено или во болница, посочува Би-би-си.
Тим од 65 лекари и дваесетина медицински сестри ги лекуваат мајките со ковид-19 во специјален оддел со 40 кревети. Поради зголемувањето на бројот на инфекции, болницата планира да додаде уште 34 кревети за заразени бремени пациентки. Жените се породуваат на шест маси во три сали за операција, во кои лекарите, медицинските сестри и анестезиолозите користат заштитна опрема.

– Имаме среќа што повеќето жени со позитивни тестови на ковид-19 воопшто не покажуваат никакви симптоми. Некои од нив имаа треска и тешкотии со дишењето. Ги лекувавме и ги пуштивме дома по породувањето. Многу од мајките се вознемирени. Тие постојано ни велат дека може да умрат, но дека мора да се осигуриме дека детето е здраво – изјави д-р Арун Најак, раководител на одделот за гинекологија во болницата во Мумбаи, кој со речиси 24.000 потврдени инфекции и со над 840 смртни случаи досега стана епицентар на пандемијата на ковид-19 во Индија.

По породувањето, мајките остануваат во специјалниот оддел за пациенти со ковид-19, каде што една недела им се дава лекот против маларија, хидроксихлорокин. Потоа, во посебен центар се ставаат во карантин до десет дена. Бебињата не се изолирани од мајките, кои ги дојат со заштитни маски.
Во болницата, бројот на бебиња родени од мајки со ковид-19 е околу 20 отсто од вкупниот бебиња родени во истиот период.

– Навистина се вознемиривме со случајот на една 28-годишна мајка со ковид-19, која почина веднаш откако роди здраво момче. За време на лекувањето таа беспомошно нѐ прашуваше дали можеме да сториме нешто – раскажува Најак.
Приказната од Индија одново го отвора прашањето за пренесување на вирусот од мајката на бебето. Во февруари, на кинеско новороденче му беше дијагностициран новиот коронавирус само 30 часа по раѓањето во Вухан, епицентарот на вирусот.

Во март, едно новороденче со позитивен тест на ковид-19 почина во Чикаго, што е прва позната смрт на дете помладо од една година заразено со вирусот во САД. Подоцна, еднонеделно новороденче почина од компликации поврзани со ковид-19 во Конектикат. Тридневно бебе месецов почина во Велс, откако неговата мајка доби позитивен тест од ковид-19.
– Пренесувањето на вирусот од мајка на дете, во стомакот или во моментот на породување, е ретко, особено пред да им контакт на новороденчето со респираторните секрети на мајката – вели д-р Адам Ратнер, директор за детски заразни болести на Медицинската школа при Универзитетот во Њујорк.

Тој, сепак, нагласува дека ваквото тврдење мора да се изнесе претпазливо, зашто ситуацијата брзо се менува и може да се појават нови податоци. Ратнер вели дека има некои нови податоци што сугерираат дека новиот коронавирус може да се открие во ткивото од плацентата. Исто така, има извештаи за фетуси што умираат кај бремени жени со акутна инфекција, но за тоа може да има и други причини освен директната инфекција на фетусот. Ратнер вели дека исто така има извештаи за реакции на антитела кај новороденчиња, кои би можеле да бидат во согласност со инфекција во матката или при породување. Според него, тоа би значело дека бебето можело да се зарази во матката.

– Многу е важно да се продолжи со испитувањата и да се анализираат резултатите од новороденчињата родени од мајки со ковид-19, дури и ако не се заразени во матката – вели Ратнер.
Тој вели оти помогнал во негата на голем број бебиња родени од заразени мајки.
– Дозволуваме хранење со измолзено мајчино млеко и се обидуваме да најдеме начини да ги заштитиме новороденчињата од вирусот – посочува тој.