Приказна за германскиот кариерен дипломат Герхард Сабатил и неговата кинеска партнерка
Фајненшел тајмс
Автори: Мајкл Пил и Едвард Вајт
Самоуверениот кариерен дипломат Герхард Сабатил пристигна во Сеул на крајот од 2015 година за да ја исполни одлично платената обврска на европски пратеник за Јужна Кореја, која е важен економски партнер и стратегиски азиски сојузник. По 15 месеци, тој ја напушти земјата откако неговата матична држава ги повлече неговите безбедносни одобренија, што е прв знак за проблем, каков што кулминираше месецов со низа на полициски апсења во Германија и во Белгија. Властите во Берлин се сомневаат дека Сабатил, кој е во врска со кинеска научничка, шпионира за кинеската разузнавачка агенција.
Аферата ги подгреа стравовите за ранливоста на ЕУ за заканата од кинеската шпионажа, особено откако се заострија односите меѓу двете држави. Јанка Ертел, директорката на азиската програма во експертската група Европски совет за надворешни односи, вели дека „ЕУ прерасна во разузнавачко бојно поле, затоа што европскиот континент е особено важен за Кина додека односите со САД се влошени, а токму амбасадорите нудат пат до врвот“.
Германски истражители пребараа девет деловни канцеларии и домови во Германија и во Белгија на 15 јануари, како дел од нивната истрага. Обвинителите изјавија дека целта на истрагата биле неименувани поединци. Европски претставници потврдија дека еден од нив бил Сабатил, кој не беше достапен за коментар.
Сабатил, кој е кариерен европски дипломат чии почетоци биле во Европската комисија во 1980-тите години, во цела Европа предводел делегации на блокот. Како интересен лик и љубител на пеперушки, бил назначен за директор за источна Азија и Пацификот во европската дипломатска служба, додека не се преселил во Јужна Кореја во 2015 година. Имал особен интерес за нуклеарната закана на Корејскиот Полуостров, па затоа отпатувал во Пјонгјанг да се сретне со севернокорејски владини претставници, само неколку месеци пред да му започне официјалниот работен ангажман во Сеул.
Германската истрага го насочи своето внимание на причините за неговото ненадејно заминување од Јужна Кореја. Повлекувањето на неговите безбедносни одобренија се поврза со загриженоста за неговата врска со Шен Венвен, експертка по кинеско-европска компаративна политика и меѓународни односи, како што пренесоа две лица запознаени со случајот.
Шен, која не е обвинета за никакво кривично дело, не беше достапна за коментар. Случајот беше покренат по неколку примери во кои западните власти, особено во САД, беа критикувани затоа што недоволно се сомневале во лицата со кинески врски.
Нејасни се деталите за потеклото на Шен, но според профилите на социјалните медиуми, кои сега се избришани, таа пораснала во Ченгду, главниот град на кинеската провинција Сечуан, и студирала во државата пред да стане дел од државната новинска агенција Синхуа. Потоа студирала осум години во Обединетото Кралство и докторирала пред да најде работа во Брисел во неколку капацитети на истражувачкиот Центар за ЕУ и Азија, Европскиот парламент и Слободниот универзитет во Брисел.
Се смета дека Сабатил и Шен се познавале уште од 2013 година, кога беа наведени како коавтори на еден академски труд за европска надворешна политика. Шен истата година заминала од Брисел за да биде гостин-предавач на националниот австралиски универзитет во Канбера преку грант на Европската комисија. Потоа се префрлила на универзитетот Викторија во Велингтон, Нов Зеланд, и исто така била поврзана и со универзитетот Кентербери во Крајстчрч. Шен потоа заминала од Нов Зеланд во 2015 година за да работи како гостин-професор во европскиот центар што е дел од Корејскиот универзитет.
Шен сега живее во Берлин заедно со Сабатил и нивните деца, додека во меѓувреме работела како лобистка во германскиот главен град и во Брисел, како што велат извори блиски до двојката. Во овој период, двојката се поврзуваше со кинеската дисидентска заедница во Германија, вклучувајќи ја поетесата Лиу Шиа и воедно вдовица на притворениот лауреат и Нобеловец Лиу Шиаобо. Шиа, која беше во куќен притвор во Кина, избега од државата во 2018 година по смртта на нејзиниот сопруг.
Организаторите на настанот што се одржа во Прага минатиот април, во чест на поетот, врдат дека Сабатил и Шен ги нарушија плановите за Лиу Шиа да говори на настанот откако ја убедија да не присуствува. Бил Шипси, организаторот на настанот во Прага, изјави дека „Сабатил го предупредил, велејќи му „дали знае што прави и дека ги ризикува чешко-кинеските односи, на што му вратил дека не работи за чешката влада“.
Превод: Билјана Здравковска