Aдминистрацијата на затворот во кој се наоѓа рускиот опозиционер Алексеј Навални се заканува дека ќе го храни со сила, бидејќи критичарот на Кремљ штрајкува со глад и изгубил 15 килограми откако пристигнал во затворот минатиот месец, соопштија соработници на опозиционерот.
Навални има 77 килограми, што е осум килограми помалку од тежината на почетокот на штрајкот со глад и 15 килограми помалку од тежината во моментот на неговото пристигнување во казнената колонија, објави официјалниот профил на Алексеј Навални на „Твитер“.
– Гледајќи ја сериозноста на штрајкот со глад, администрацијата се заканува дека ќе започне да го храни на сила секој ден. Истовремено, Алексеј е преместен од медицинскиот оддел – се додава во соопштението.
Сојузниците на Навални тврдат дека затворската администрација не дозволува затвореникот да биде прегледан од надворешен лекар.
Лидерот на руската опозиција и противник на рускиот претседател Владимир Путин започна штрајк со глад кон крајот на март, барајќи да добие соодветна медицинска нега поради акутни болки во грбот и нозете.
Кремљ одби да коментира за здравствената состојба на Навални, објаснувајќи дека тоа е работа на државната затворска служба. Таа служба претходно рече дека Навални ја прима потребната терапија.
Навални беше затворен во февруари и беше осуден на две и пол години затвор за кршење на условна казна.
– Русија, или поточно руските власти, можеби го водат Навални во ситуација на бавна смрт и се обидуваат да го прикријат она што навистина му се случува – изјави минатата недела за „Ројтерс“ генералната секретарка на „Амнести Интернешнл“, Агнес Каламард.