Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални денес повторно се најде на суд под обвинение за клевета, а обвинителството побара тој да биде казнет со 950.000 рубли (13.000 долари) за навреда на руски ветеран од Втората светска војна, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека не е познато дали обвинителството ќе побара и затвор покрај парична казна во овој случај, бидејќи клеветата според руските закони може да се казни со затвор до две години.
Судијата денес соопшти дека пресудата ќе биде објавена на 20 февруари, истиот ден кога Навални треба да поднесе жалба на казната од речиси три години затвор, откако судот претходно пресуди дека тој ја прекршил условната казна.
Навални е обвинет за клевета на ветеран кој минатата година учествуваше во промотивно видео што ги поддржува уставните реформи, што му овозможуваат на рускиот претседател Владимир Путин да се кандидира за уште два мандата во Кремљ по 2024 година, доколку тоа го сака.
Рускиот опозиционер се потсмеваше на луѓето во видеото, нарекувајќи ги корумпирани предавници, а денес тој изјави пред судот дека неговиот коментар не бил конкретно упатен на ветеранот и дека властите сакаат да му наштетат на неговиот углед со ова обвинување, пренесува „Ројтерс“.
Тој го окарактеризира целиот случај како правна глупост и одби да му се извини на ветеранот, за кого рече дека го користат властите за политички цели.
Повеќето Руси имаат голема почит кон ветераните од Втората светска војна и критиките кон нив генерално се сметаат за социјално неприфатливи, наведува агенцијата.