Западните медиуми во пресрет на претседателските избори во Франција, закажани за 2022 година, анализираат дека на актуелниот претседател Емануел Макрон ќе му бидат потребни економско чудо и многу среќа со пандемијата за да ја зачува круната од рацете на Ле Пен
Пандемијата остава простор во трката за претседателските избори во Франција
Ковид-19 му нанесе можен смртоносен удар на францускиот претседател во надежите за реизбор во 2022 година. Младиот центристички лидер можеби триумфира на европската сцена со тоа што ја убеди Германија да го прифати заедничкото позајмување за да се создаде огромниот европски фонд за обнова. Дома тој се соочуваа со голем притисок од јавноста, која сака повторно да ја придобие и да ја спаси економијата, која доживеа пад од пандемијата, но тешко му одат плановите за кампањата во таа насока. Ова го наведува угледниот магазин „Политико“, кој во меѓувреме пишува дека ултрадесничарката Марин Ле Пен трпеливо ја чека својата шанса да го искористи напливот на гнев кај народот поради зголемената невработеност и намалениот животен стандард.
Свесен за тешкиот предизвик, францускиот претседател предупреди во мрачното телевизиско интервју за Денот на Бастилја дека „претстојат тешки месеци“. Вети дека ќе стори сè што е во негова моќ за да го ограничи напливот на отпуштања и затворање на фирмите поради ковид-19 и дека ќе изгради поеколошка, почиста и независна економија. Макрон многу брзо ќе се најде под притисок да избере меѓу двете страни, додека Франција ќе се бори да заздрави од најсилниот економски шок од Втората светска војна.
Покрај огромните владини трошоци поради рестриктивните мерки за ублажување на првичниот шок од двомесечниот национален карантин, француската економија е една од најпогодените во Европа. Пред избивањето на пандемијата, невработеноста беше намалена на 7,8 отсто што е над европскиот просек, но беше на најниско ниво по финансиската криза од 2008 година. Претседателот сакаше да ја постигне целта од седум отсто до 2022 година со тоа што имаше голем наплив на инвестиции и отворање на нови компании.
– Пандемијата го поништи целиот напредок, а најлошото допрва ќе дојде особено ако има втор бран на ковид-19 наесен и во зима или ако се јавуваат локални жаришта што би довеле до воведување на локални карантини. Европската комисија предвидува 10,6 отсто пад во француската економија годинава што е помалку драматично од состојбата во Италија и во Шпанија. Француската народна банка очекува рецесија од девет отсто. Дури и со силен економски скок следната година, БДП нема да биде ист како оној пред кризата, што дополнително ќе му ја искомплицира ситуацијата на Макрон во текот на кампањата – наведува „Политико“.
Во меѓувреме кризните трошоци ќе го зголемат францускиот јавен долг на над 120 отсто, кој веќе изнесува 100 отсто од БДП.
Во која насока и да се одлучи Макрон да тргне, резултатот ќе биде носење тешки економски избори, иако досега се обиде да игра на двата фронта, пишува на истава тема „Дојче веле“. Според германскиот медиум, во говорот на Денот на Бастилја Макрон порачал дека Владата ќе потроши околу 100 милијарди евра за државна обнова со огромна поддршка за енергетска ефикасност на објекти, користење чиста водородна енергија, пренаменување на производството за стратегиски цели, како и инвестиции во јавното здравство, културата и образованието, што е невозможно засега од оние средства со кои располага Владата.
Во меѓувреме многу од водечките индустрии во земјата како авионската, автомобилската, услужната, луксузната и туризмот, можеби никогаш нема да се вратат на истото ниво како пред кризата. Културниот и забавниот сектор претрпеа огромен удар со откажувањето на фестивалите, концертите и театарските претстави. Пред кризата, Франција беше прва туристичка дестинација со 89,4 милиони посетители во 2018 година. Сега, „Ербас“ отпушти 5.000 работници, а „Ер франс КЛМ“ најави 7.580 отпуштања.
Со ваквата слика, народот ќе притиска да се зачуваат работните места додека реконструираната влада на чело со новиот премиер Жан Кастекс би можела да се соочи со големо незадоволство зимоска. До новите избори има уште две години, а Макрон ќе биде под огромен притисок да покаже политичка експедитивност.
Претседателот за време на пандемијата не ја има истата поддршка во анкетите како лидерите во Германија, Италија, па дури и Велика Британија. Анкетите покажуваат дека многумина го обвинуваат за првичниот недостиг од маски, респиратори и заштитна опрема и сметаат дека неговата влада лажела за недостигот од ресурси. На Макрон ќе му бидат потребни економско чудо и многу среќа со пандемијата за да ги зачува круната и Франција од рацете на Ле Пен.