Кинеските вооружени сили се очекува да откријат серија ново оружје на воената парада во Пекинг, како дел од амбициозната програма на претседателот Си Џинпинг.
Главна атракција на парадата ќе бидат кинеските напредни ракети, а многу од нив се дизајнирани за напади врз носачи на авиони и бази, воени компоненти кои ја зацврстуваат американската сила во регионот.
Воената парада ќе се одржи на 1. октомври, а со овој настан ќе се одбележат седум децении комунистичка Кина, пренесе хрватски „Индекс“.
Меѓу ракетите што треба да бидат претставени на парадата е и таканаречениот „убиец на носачи“, Донгенфг-21Д, проектил промовиран на парадата во 2015. година, за кој Кина тврди дека може да погоди воени бродови на растојание од 1,5 илјади километри, како и ракетата со среден дострел ДФ-26, наречена „убиец на Гуам“ во контекст со американската воена база на Пацификот.
Државните медиуми се најмногу заинтересирани за интерконтиненталната ракета ДФ-41, која може да носи неколку нуклеарни глави и да стигне до САД.
Кина исто така забрзано работи на развојот на хиперсоничните ракети ДФ-17, способни да се движат со брзина неколку пати поголема од онаа на звукот.
Сем Рогвен, директор на Институтот „Лови“ за меѓународна програма за безбедност во Сиднеј, тврди дека нема одбрана против хиперсонични проектили, освен напад врз оној кој ги лансирал.
Аналитичарите се особено заинтересирани и за потенцијалното претставување на два модела на „невидливи“ беспилотни летала.