Американската морнарица е подготвена да обезбеди слободна пловидба и слободен трговски сообраќај, изјави денеска портпаролот на Централната команда на војската на САД, капетан Бил Урбан откако Иран се закани дека ќе ги блокира бродовите кои превезуваат нафта преку Ормушки Теснец доколку Вашингтон забрани продажба на иранска нафта.
– САД и нивните партнери пружаат и промовираат безбедност и стабилност во регионот. Заедно сме подготвени да обезбедиме слободна пловидба и слободен трговски сообраќај каде тоа го дозволува меѓународното право- истакна капетан Урбан.
Претседателот на Иран, Хасан Рохани пред два дена изјави дека извозот на нафта од регионот може да биде загрозен доколку САД се обидат да вршат притисок врз клиентите да престанат да купуваат иранска сурова нафта.
– Американците изјавија дека сакаат во целост да го запрат извозот на иранска нафта. Тие не го разбираат значењето на оваа изјава, бидејќи е тотално бесмислено да се оневозможи извоз на иранска нафта додека во исто време се извезува нафта од регионот- наведе Рохани.
Иранските власти во минатото се закануваа дека ќе го блокираат Ормушки Теснец, главен пат за транспорт на нафта, при евентуална непријателска акција на САД против Иран.
Претсатвник на Стејт департментот, Брајан Хук во понеделникот изјави дека САД имаат за цел да ги сведат на нула иранските приходи од нафтата, за да го принудат Техеран да го смени однесувањето во регионот.
Тој додаде дека САД веруваат дека има простор иранскиот извоз на нафта да се надомести од други држави, за да нема нарушување на светскиот пазар.
Белата куќа претходно соопшти дека саудискиот крал Салман му ветил на американскиот претседател Доналд Трамп дека Саудиска Арабија ќе го зголеми производството на нафта, ако биде потребно, како и дека земјата има капацитет за поголемо производство од два милиони барели дневно.