Американски крузер е ставен во карантин од страна на властите на карипскиот остров Света Луција, откако случај на сипаници бил пријавен на бродот, соопштија здравствените служби на островот.
Докторката Мерлин Фредерикс-Џејмс изјави дека има потврдено случај на мали сипаници на бродот и поради тоа властите одлучиле оти е разумно да го стават бродот во карантин.
Тоа практично значи дека никој од бродот не може да го напушти пловилото, пренесува Би-би-си.
Според тековните информации, бродот е во сопственост и менаџиран од страна на Скиентолошката црква.
Фредерикс-Џејмс во видео-изјава објавена на „Јутјуб“ изјави дека министерството добило потврда за случајот на сипаници од два доврливи извора.
Таа наведе дека во ваквата одлука голема улога имал и фактот дека морбилите се високо заразна болест.
-Една заразена личност лесно може да инфицира други преку кашлање, кивање, капки на разни површини итн. Значи, поради ризикот од потенцијална инфекција – не само од потврдениот случај на сипаници, туку и од другите лица кои се на бродот – ние сметаме дека е разумно што донесовме одлука некој да не може да се симне- изјави Фредерикс-Џејмс.
Таа, исто така, како фактор ја спомена и моменталната состојба во САД, каде што случаите на оваа заразна болест се на највисоко ниво последните 25 години.