Досегашниот боливиски претседател Ево Моралес пристигна во Мексико, откако мексиканските власти му одобрија азил. Моралес ја напушти Боливија откако претходно поднесе оставка од функцијата, на што, пак, претходеа масовни и насилни протести од земјата, поттикнати од опозицијата, која го обвинуваше за изборни измами. Тој заминал во Мексико со авион на мексиканската влада од боливискиот град Чиморе.
Моралес, кој е првиот домородец претседател на Боливија, потврди на Твитер дека пристигнал во Мексико и порача дека го боли заминувањето од земјата од политички причини, но вети дека ќе се врати посилен и поенергичен. На социјалната мрежа тој објави фотографија на која се гледа како лежи под импровизиран шатор, направен од виолетово ќебе, и напишал како ја поминал својата прва ноќ во егзил.
– Ова беше мојата прва ноќ по напуштањето на претседателството и под принуда на државен удар. Им благодарам на своите браќа од сојузот Тропик оф Кокабамба на овозможената безбедност и нега – порача Моралес.
Пред да замине Моралес во Мексико, војската соопшти дека ќе ѝ се придружи на полицијата во патролирањето низ улиците, откако во протестите, кои се одржуваат во Боливија по изборите одржани минатиот месец, се уништени четири полициски станици.