Зголемената регистрација на американските гласачи во странство да го остварат своето право на глас на претстојните претседателски избори, закажани на 3 ноември, но и зголемениот одзив, внесува дополнителна неизвесност во финишот на претседателска трка меѓу кандидатите Трамп и Бајден

Неизвесност на една недела пред изборите за претседател во САД

Високиот одзив и зголемениот пораст на гласачките регистрации на Американците што живеат надвор од државата може да бидат пресудни за резултатот на претстојните претседателски избори во САД, закажани за 3 ноември. Ваквиот феномен, покрај тоа што се вклопува во целокупниот наратив за висок првичен одзив во земјата, кој се бележи во изминатиот период во повеќе сојузни држави каде што Американците преку пошта го остварија своето право на глас среде пандемијата на ковид-19, според некои познавачи на состојбите, внесува дополнителна неизвесност во и онака најнеизвесната претседателска трка во историјата на САД меѓу кандидатите Доналд Трамп и Џозеф Бајден, јавува „Еуроњуз“. Како што наведува медиумот, надвор од државата живеат околу 4,7 милиони американски државјани, а досега низ годините релативно мал процент од нив, односно околу 2,8 милиони со право на глас всушност се одлучувале да се вклучат во изборниот процес во земјата. За споредба, во 2016 година, за време на претседателските избори, единствено 23 отсто од иселениците имаа право на глас, или поточно 616.477 Американци што живееја во странство, меѓу кои се и припадниците на армијата. Она што е интересно на тие избори, за разлика од сега, околу 300.000 гласа беа наменети токму за оние сојузни држави што му ја донесоа победата на Трамп, вклучувајќи ги и 46.000 гласа во Мичиген, Висконсин и Пенсилванија. За разлика од последниот изборен циклус, заклучно со минатата недела, речиси 700.000 гласачки ливчиња беа преземени од порталот на Програмата за федерална помош при гласање, истакна портпаролот на програмата на Министерството за одбрана. Иако бројките се зголемени, ова претставува само еден начин на кој Американците од дијаспората може да гласаат.

Гласачките организации бележат зголемен сообраќај

Во меѓувреме американската гласачка фондација, која е најголемата непартиска организација што им помага на американските гласачи во странство, забележала дека за 15 отсто е зголемен интернет-сообраќајот во овој изборен циклус. Сузан Диедузичка Суинат, основачка и извршна директорка на оваа фондација, забележала дека повеќе Американци порано ги побарале нивните избирачки ливчиња и таа смета дека ова е показател дека американските гласачи се поподготвени поради пандемијата и гласањето преку пошта. Како што пишува „Еуроњуз“, во САД речиси 20 сојузни држави бараат гласачите од странство да ги испратат гласачките ливчиња преку пошта. Во меѓувреме, надворешното тело на Демократската партија, кое помага исто така во регистрацијата на гласачите, посочи дека веќе 600.000 лица ги искористиле алатките за регистрација и за гласање годинава. На нивниот портал тие забележале 2,7 пати поголема активност за разлика од претходната изборна година. Сара Елиот, претседателката на британската надворешна организација на републиканците, порача дека групата ги засилила активностите околу помошта за гласањето.
– Многу групи се надеваат дека Американците ќе продолжат да гласаат од странство и сметаат дека за една недела, па и за неколку дена пред изборите може да им се интензивира работата. Тоа се дополнува со фактот што околу 30 сојузни држави дозволуваат Американците да гласаат преку електронска пошта за претстојните избори – вели Елиот.

Загриженост за процесот поради пандемијата

Од друга страна, пак, некои сметаат дека трендовите за поголем одзив можеби се должат на стравовите од пандемијата на ковид-19, што го усложни гласачкиот процес за американската дијаспора. Американските амбасади во неколку држави работеа на испраќање на гласачките кутии во САД, особено во земјите каде што се помалку доверливи поштенските услуги. „Федекс“ исто така понуди приоритетни услуги од 25 долари за американските граѓани што живеат во 10 европски земји, а особено е голем бројот на американски државјани во Велика Британија, Франција, Швајцарија и во Германија. Исто така, во споредба со претседателските избори во 2016 години, сега многу повеќе Американци се вклучени во изборниот процес, со тоа што тие волонтираат за да им помогнат на другите да го дадат својот глас преку поедноставување на процесот и охрабрување да се вклучат во него. Стејси Крукел започна да волонтира во Германија за демократите оваа година и порача дека „ова се најважните избори за неа“. Таа постојано комуницира со гласачите на партијата преку страницата на Фејсбук и вели дека социјалните медиуми се преплавени со барања. Инаку, претходно, европските држави каде што живеат американски државјани бележеа низок одзив. Американските гласачи досега во Велика Британија имаат одзив од 6,4 отсто, а во Франција тој изнесуваше 4,9 отсто, додека во Германија има поголем одзив од овие две европски земји, а тој изнесува околу 13,9 отсто.


Кина се закани дека ќе возврати на најновата продажба на американско оружје наменета за Тајван, врз кој Пекинг полага права. Според аналитичарите, договорот за продажба на оружје вреден 1,8 милијарда долари ќе вклучува три оружени системи за отежнување на копнено-водена инвазија на Тајван. Стејт департментот соопшти дека се согласил на продажбата на 135 од ракетите „АГМ-84Х СЛАМ-ЕР“ во производство на „Боинг“, во вредност од една милијарди долари, 11 ракетни лансирачи со подвижна шасија на „Локхид Мартин“, по цена од 436 милиони долари, и шест „МС-110“ надворешни сензорни извидувачки капсули на „Колинс аероспејс“, наменети за авиони, по цена од 367 милиони долари. Во разни фази на одобрување наводно е продажбата на оружја во вредност меѓу пет и седум милијарди долари, во која би требало да се вклучени дронови „МКУ-9“ и системот за крајбрежна ракетна одбрана „Харпун“.