Постапувањето на поранешниот полицаец Дерек Шовен при апсењето на Џорџ Флојд, ќе биде главна тема во стратегијата на одбраната и на обвинителството на судењето кое почна во Минеаполис, САД. Но случајот отвори горливи прашања, меѓу кои се издвојува она дали обвинетиот за убиство Шовен ќе добие право на фер судење, со оглед на бројните фактори кои го оптоваруваат процесот, пишува „Њузвик“.
Се поставуваат неколку важни прашања за судењето кое се емитува на телевизија. Дали поротниците можaт да го игнорираат потенцијалното насилство доколку не успеат да донесат правилна одлука? Дали државниот обвинител соодветно го обвини Шовен или пак беше пресуров од политички и идеолошки причини? Како судот ќе ги процени различните фактори во судењето, од една страна постапките на Шовен, медицинските компликации и употребата на дрога на Флојд, при утврдување на причината за неговата смрт?
Многумина сметаат дека судењето требаше да се одржи надвор од Минеаполис. Некои поротници стравуваат дека, доколку гласаат против пресуда за убиство, тоа ќе резултира со бурни реакции во местата каде што живеат, па дури и против самите нив. Токму затоа, познавачите на состојбите наведуваат дека судењето требаше да биде надвор од градот, со поротници кои помалку се плашат од последиците од непопуларна пресуда.
Второто прашањето е дали Шовен е соодветно обвинет. Најсериозна точка е убиство од втор степен, за кое треба доказ дека Шовен ја предизвикал смртта на Флојд „со намера“. Нема докази дека Шовен имал намера да го убие Флојд. Убиство од втор степен се однесува и на непланирани убиства. Затоа беше обвинет и за убиство без умисла.
– Тоа што го стори Шовен, беше направено намерно – рече обвинителот Џери Блеквел во неговото почетно излагање пред поротата. Според него, Шовен употребил прекумерна и неразумна сила без да се грижи за животот на Флојд.
Блеквел рече дека Шовен не само што не ја исполнил својата законска должност за да му помогне на Флојд, туку тој спречил и други да му пружат помош, вклучувајќи и пожарникар обучен за давање прва помош.
Конечно доаѓа прашањето дали постапувањето на Шовен било причина за смртта на Флојд. Одбраната ќе тврди дека методот со притискање колено на врат за потчинување на осомничен е во согласност со полицискиот протокол во Минеаполис, како и дека други осомничени на кои досега е применет, не починале. Затоа, употребата на протоколот, според нив, не можеше да биде причина за оваа смрт. Обвинителството, пак, ќе тврди дека доколку Шовен не го држел коленото на вратот на Флојд девет минути, Флојд сè уште би бил жив.
Адвокатот на Шовен, Ерик Нелсон, во воведната изјава рече дека доказите ќе покажат оти Флојд бил под дејство на наркотици и дека употребената сила против него била разумна поради неговото однесување. Но, на снимката се слуша како Флојд 20 пати вели дека не може да дише и во десет наврати ги убедува полицајците дека умира за време на апсењето.
Шовен ги негираше обвиненијата. Поранешниот полицаец беше отпуштен и се соочува со 40 години затвор доколку биде осуден за најтешките обвиненија.