Околу две третини од Ирците на вчерашниот референдум се изјаснија за укинување на Осмиот амандман на Уставот на Ирска, со кој беше воведена забрана за абортус.
Според нецелосните официјални резултати од референдумското изјаснување објавени попладнево, 66,36 отсто од Ирците што го искористија своето гласачко право ја поддржале либерализацијата на абортусот.
Одѕивот на референдумот бил речиси 63 отсто.
Ирскиот премиер Лео Варадкар ја поздрави ваквата рефрендумска одлука, оценувајќи дека тоа претставува „тивка револуција“.
– Јавноста проговори. Резултатот изгледа е многу во полза на укинување на Осмиот амандман. Тоа што го гледаме е кулминација на тивката револуција што се случува во Ирска во последниве неколку децении, изјави Варадкар.
Според излезните анкети, за легализација на абортусот се изјасниле околу 68 отсто од гласачите, а 32 проценти биле против.
Ирската министерка за култура Џозефа Мадоган уште синоќа преку Твитер порача дека ваквите „резултати иако не се официјални, сепак изгледаат добро“.
Според сегашните законски решенија, прекин на бременоста во Ирска е дозволен само доколу таа го загрозува животот на мајката, а за илегален абортус се предвидува затворска казна од 14 години.
Целосната забрана на аборусот беше воведена со Осмиот амандман на Уставот на Ирска усвоен во 1983 година, а прекин на бременоста кога е загрозен животот на трудницата е дозволен со измени донесени во 2013 година.
Ирската Влада уште претходно најави дека ако укинувањето на Амандманот биде одобрено, таа ќе предложи закон со кој ќе се овозможува абортус до 12-та недела од бременоста.
Поради забраната за абортус, илјадници Ирки секоја година вршат прекин на несаканата бременост во Велика Британија.