Момче вооружено со пиштол убило три деца и една жена во дом во американската сојузна држава Јута, во петокот вечерта, додека петто лице е повредено и завршило во болница, јави „Еј-би-си њуз“.
Пукањето се случило во мирна населба во градот Грентсвил, посочи телевизискиот канал.
Полицијата сè уште се обидува да открие што точно се случило за време на пукањето во петокот навечер. Инспекторите веруваат дека жртвите се роднински поврзани, а полицијата одби да објави какви било информации за напаѓачот, освен дека е малолетник. Властите исто така соопштија дека сè уште не е утврден мотивот за нападот.
Полицијата добила повик за пукање и пристигнала на местото на настанот околу 7 часот навечер. Кога пристигнале, нашле тела на две девојчиња, едно момче и една жена. Напаѓачот и преживеаната жртва не биле во куќата. Подоцна откриле дека по пукањето, во куќата дошол маж кој преживеаната жртва и момчето што пукало ги пренел во болница.
Полицијата го уапсила момчето и го одвела во центар за притвор на малолетни лица, додека повредениот во моментов е во болница и е во стабилна состојба. Лицето кое ги однело во болница немало никаква врска со пукањето.
Момчето се соочува со 10 обвиненија, од кои најсериозно е она за тешко убиство.