Најголем дел млади во 12 држави во Европа не се религиозни и ретко одат во црква, што е доказ за тренд на постепено свртување кон постхристијанско општество, покажува истражување објавено во „Гардијан“.
Истражувањето е спроведено кај млади од 16 до 29 години во 21 европска држава и укажува дека најмалку религиозни се во Чешка, каде што 91 отсто испитаници од таа старосна група рекле дека немаат верска припадност.
Меѓу државите во кои мнозинство млади не се религиозни се и Шведска, Данска, Естонија, Холандија. Норвешка, Франција, Шпанија, Британија, Белгија, Унгарија и Финска. Во најголем дел од тие држави освен во Холандија, помалку од десет отсто млади одат во црква барем еднаш неделно. Во Словенија нерелигиозен е секој втор млад жител, во Русија 46 отсто, во Германија 43 отсто испитаници. Младите во тие држави не одат често во црква додека еднаш неделно тоа го прават помалку од 25 отсто.
Најрелигиозни се младите во Полска, Ирска и во Австрија. Во Полска барем еднаш неделно во црква одат половина млади, а во Ирска околу една третина.