Двете страни не само што се разделени за клучните прашања со кои се соочува Западот (заканите од Русија, Иран, Кина) туку тие како да живеат во паралелни универзуми. Најалармантно е тоа што европската страна е најмногу загрижена за посветеноста на САД кон Европа, односно за самата суштина на трансатлантската алијанса, оценува „Политико“
Неодамнешната минхенска безбедносна конференција покажа дека разидувањето помеѓу САД и доминантните европски сили – Германија и Франција – е поголемо од кога и да било досега. Двете страни не само што се разделени за клучните прашања со кои се соочува Западот (заканите од Русија, Иран, Кина) туку тие како да живеат во паралелни универзуми. Најалармантно е тоа што европската страна е најмногу загрижена за посветеноста на САД кон Европа, односно за самата суштина на трансатлантската алијанса, оценува „Политико“.
Раздорот меѓу двете страни јасно можеше да се види од говорите на присутните во Минхен, каде што европските лидери се пожалија за оддалечувањето и сѐ помалиот ангажман на САД во регионот, како и на глобалната сцена воопшто. Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ја отвори конференција со говор во кој ја обвини администрацијата на Трамп дека ја отфрла идејата за меѓународна заедница.
– Секоја земја би требало самата да се брани и да ги стави своите интереси пред интересите на сите други. „Повторно голема“, па дури и на сметка на соседите и партнерите – порача Штајнмаер, нудејќи увид во тоа како ја оценува американската надворешна политика.
Еден ден подоцна, францускиот претседател Емануел Макрон како да го повтори ставот на Штајнмаер, порачувајќи дека Европа не го сака истото што и САД. На ваквите изјави реагираше шефот на американската дипломатија Мајк Помпео, кој истакна дека коментарите на Штајнмаер не ја рефлектираат реалноста.
– Дали Америка ја отфрла одговорноста? Да бидеме искрени. САД се тие што се борат за суверенитетот и за нашите пријатели – порача Помпео.
Освен претставниците од Полска и балтичките земји, кои ги сметаат САД за гаранција за нивниот суверенитет, малку од присутните Европејци беа убедени од неговите зборови. По неговиот говор, Германците и Французите го делеа истиот став дека во таа просторија Европејците не му биле публика на Помпео, туку американскиот претседател Доналд Трамп. Според „Политико“, инсистирањето на Помпео дека „Западот победува, ние колективно победуваме“ многумина од присутните го протолкувале како „САД победуваат“. Токму реакцијата на говорот на првиот човек на американската дипломатија покажува колку негативно влијаела агресивната и навредлива реторика на Трамп врз односот со Европа.
Од друга страна, многумина од американската делегација беа вџашени кога се соочија со разликите за тоа како тие ја гледаат својата улога и како ја гледаат Европејците.
– Малку сум збунет од тонот. Европејците би требало малку повеќе да се фокусираат на тоа што го правиме ние тука – порача Мајк Тарнер, републиканскиот конгресмен од Охајо, член на одборот на вооружените сили, кој веќе десет години присуствува на конференциите во Минхен.
Тарнер порача дека особено го нервира Германија, која и покрај инсистирањето на Трамп и на другите официјални лица, уште не е ни близу да го исполни ветувањето и да ја зголеми потрошувачката за одбрана на два процента од БДП.
Интересно е тоа што дури и критичарите на Трамп во Минхен беа изненадени од сигналите што ги пратија некои европски лидери. Бившиот американски амбасадор во НАТО, Николас Бернс, истакна дека го загрижува ставот на Макрон кон Русија. Францускиот претседател претходно го повтори повикот Европа да се приближи кон Москва. Од друга страна, Бернс оцени дека во Минхен изостана силната осуда на руското бомбардирање на сириската покраина Идлиб.
– Бомбардирањето е варварско и предизвика 800.000 бегалци, најмногу во сириската граѓанска војна. Тука во Европа за тоа речиси и не се зборува, и тоа е трагично – додаде долгогодишниот американски дипломат.
Друго прашање што добро го илустрираше раздорот помеѓу САД и Европа се односите со Кина.
Помпео воопшто не остави сомнеж дека Вашингтон ја смета Кина за непријателска сила во светот, став што не го споделуваат многу земји од Европската Унија.
Главното прашање е каков став треба да заземе западната алијанса кон Кина, а одговорот може да има далекосежни последици. И додека во Вашингтон постои партиски консензус дека Кина претставува голема долгорочна закана, Европа е многу загрижена за последиците што може да ги има по трговијата иритирањето на Пекинг, заклучува „Политико“.