Министрите за надворешни работи, кои претставуваат „мала група” на американски сојузници фокусирани на Сирија, се состанаа денеска во Вашингтон, пред поширокиот состанок на глобалната коалиција за борба против Исламската држава.
Во групата се арапските сојузници, како Јордан и Саудиска Арабија, и европските држави, меѓу кои Германија и Франција. Домаќин на средбата беше американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, истакна дека сé уште има многу неодговорени прашања по најавеното повлекување на американските сили од Сирија.
Непосредно пред почетокот на конференција Мас наведе дека се надева оти на состанокот ќе има одговори на некои прашања во врска со повлекувањето на САД.
– За нас е важно да нема голема воена офанзива, особено на северо-исток и во Идлиб, што би предизвикало хуманитарна катастрофа, рече тој, додавајќи дека е важно политичкиот процес да се активира во воено разорената земја.