Шпанскиот министер за култура Максим Уерта денеска поднесе оставка на функцијата, на која беше именуван пред недела дена, откако медиуми објавија дека избегнувал плаќање на данок додека работел како телевизиски новинар пред 10 години.
Според весникот „Конфиденсиал“, Уерта минатата година бил осуден и требал да плати 243,000 евра за измама во периодот 2006-2008 година, кога работел како телевизиски презентер. Откако беше обелоденета оваа информација во медиумот, опозицијата побара министерот да поднесе оставка.
Уерта од своја страна тврди дека е „апсолутно невин“, нагласувајќи дека му платил парична казна за неплатениот данок за период од 2006 до 2008 година.