Подготвил: Дејан Србиновски
Австралискиот втор град по големина Мелбурн донесе драстични рестриктивни мерки за справување со драматичниот пораст на нови случаи на коронавирус во земјата. Градот, кој се наоѓа во сојузната држава Викторија, ги затвори речиси сите продавници, фабрики и несуштински бизниси, за да се справат подобро властите со вториот бран на коронавирусот. Во таа насока оваа австралиска метропола, со население од околу пет милиони луѓе, деновиве воведе шестнеделен ноќен полициски час, кој почнува од 20 часот навечер и трае до 5 часот наутро. Во тој контекст, речиси 1 милион работници се принудени да останат дома, чекор на Владата, кој првично се оценува дека ќе чини околу 9 милијарди долари и ќе предизвика илјадници отпуштања од работа. Сепак властите се надеваат дека со ваквиот потег ќе го намалат пренесувањето на ковид -19. Инаку, повеќе од половина новозаразени случаи во Австралија минатиот месец беа регистрирани во сојузната држава Викторија.