Првенствено, предизвикување на криза преку закани доколку неодредените барања не се прифатени. Потоа, зголемување на неизвесноста со надоаѓањето на вештачки поставениот рок, додека нервозните надледувачи предупредуваат за тешките последици доколку ситуацијата ексалира. Крајно, потпишување на нејасен, чуден и можеби неуставен договор во последната минута, прогласувајќи победа.
Според магазинот „Политико“, ова е излитената шема на преговарање на американскиот претседател Доналд Трамп, која веќе е препознатлива и видена во јавноста.
Минатата недела, Трамп се закани со поставување на нови тарифи и зголемување на даноците на производите кои од Мексико се увезуваат во САД, а неговото барање беше тие да го задржат бранот на мигранти од Централна Америка кој влегува во неговата земја.
Како што констатираат од магазинот, односот на Трамп со Мексико е ист како оној при неговата блокада на владата, кога од Конгресот бараше 5,7 милијарди долари за ѕидот на јужната граница, неговите (не)успешни преговори со лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун, или како оној во трговската војна со Кина.
Во случајот со Мексико, Трамп не го доби она што го посакуваше. Мексиканските преговарачи, на пример, не ги прифатија промените кои би им дозволиле на САД послесно да ги одбиваат барателите на азил од Централна Америка, иако тие се сложија да им дозволат да останат во нивната земја, додека барањата не стигнат до Соединетите Држави.
Тие исто така се согласија да испратат уште 6 илјади војници на нивната јужна граница со Гватемала, а со тоа ги убедија САД и администрацијата на Трамп да не ги наметнат тарифите од 5 отсто за сите мекискански производи кои влегуваат во Америка.
– Двосмисленоста на договорот му отвора можност на претседателот да прогласи победа. Заедничката декларација потпишана од САД и Мексико која беше објавена во петокот нема цврсти точки преку кои може да се измери успешноста или неуспешноста на договорот и наместо тоа вели дека Мексико ќе преземе чекори „без преседан“ за да се намали бројката на мигранти и „одлучувачки дејствија“ за да се запре трговијата со луѓе. Сепак, ова индицира на тоа дека земјите ќе продолжат со дискусија во следните три месеци и може да објават додатни мерки за кризата на границата – констатираат од „Политико“.