Во јужниот дел на Италија денеска пристигнаа 51 мигрант, меѓу кои и жени и деца, иако италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини најави дека пристаништата се затворени.
Италијанското Министерство за внатрешни работи наведува дека тоа е прво пристигнување мигранти оваа година.
Италијанските медиуми јавија дека жителите во Калабрија утрово во 4 часот слушнале викотници на мигранти, чија едрилица се превртела неколку метри од брегот. Меѓу нив биле шест жени и четири деца, од кои едно неколкумесечно бебе.
Полицијата приведе двајца мажи за кои се сомнева дека се организатори на илегалниот превоз на мигранти.
Во Италија минатата година пристигнаа 23.370 мигранти, од кои 13.000 од Либија, а останатите од Тунис, Турција и Алжир.