Британската премиерка предупреди дека повторното гласање ќе ѝ нанесе непоправлива штета на британската политика, без притоа да обезбеди каков било напредок. Бившите премиери Џон Мејџор и Тони Блер се меѓу политичарите што повикуваат на нов референдум, ако пратениците не можат да се согласат за следните чекори за брегзит
Британската премиерка Тереза Меј предупреди дека нов референдум за брегзит ќе ја уништи довербата кај британскиот народ. Меј смета дека повторното гласање ќе ѝ нанесе непоправлива штета на британската политика, без притоа да обезбеди каков било напредок. Бившите премиери Џон Мејџор и Тони Блер се меѓу политичарите што повикуваат на нов референдум, ако пратениците не можат да се согласат за следните чекори за брегзит. Меј минатата седмица го одложи гласањето во парламентот за договорот за брегзит, кој го постигна со Брисел, признавајќи дека тој најверојатно ќе беше отфрлен со големо мнозинство. Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март 2019 година, а договорот ги поставува условите за излегување и вклучува декларација за рамката за идните односи помеѓу Лондон и Брисел. Но договорот ќе стапи во сила, само ако ја одобрат парламентите на Британија и на ЕУ, пренесуваат британските медиуми.
Шефицата на британската влада, според Би-би-си, им сигнализира на пратениците дека новото гласање за договор ќе се одржи на почетокот од идната година, но не подоцна од 21 јануари. Но Лабуристичката и другите опозициски партии, како и некои конзервативни пратеници, тврдат дека сега е потребно да се донесе одлука, за да може да бидат земени предвид алтернативни опции ако биде одбиен договорот на Меј.
Од друга страна, во изминатите недели сѐ почести се повиците за нов референдум за брегзит поради сигналите дека мнозинството пратеници се против понудениот договор, но и против напуштање на ЕУ без каква било постигната спогодба. Блер пред неколку дена порача дека по 30 месеци преговори, организирањето нов референдум би бил логичен исход ако постои блокада и ако сите други опции се исцрпени. Но премиерката Меј, цврсто стои на ставот дека повторното гласање не само што е непотребно, туку е и штетно.
– Уште едно гласање ќе нанесе непоправлива штета за интегритетот на нашата политика, бидејќи ќе испрати порака до милиони, кои веруваа во демократија, дека нашата демократија не функционира. Уште едно гласање, кое најверојатно воопшто нема да нѐ однесе понапред од претходното. Уште едно гласање што дополнително ќе ја подели нашата земја и тоа токму во моментот кога би требало да работиме на нејзино обединување – порача Меј.
Од друга страна. Маргарет Бекет, бившата шефица на британската дипломатија што ја поддржува кампањата за нов референдум, оценува дека ново изјаснување на гласачите е најдобар начин за земјата да напредува.
– Новото гласање на јавноста би било различно од референдумот во 2016 година, бидејќи сега повеќе знаеме што значи брегзит. Секој обид да се протурка брегзит без проверка дека има континуирана согласност од британскиот народ само дополнително ќе ги засили поделбите – предупреди Бекет.
Меј требаше вчера да ги брифира пратениците за минатонеделниот самит на Европскиот совет, на кој од лидерите на ЕУ побара помош за протуркување на договорот. Таа отпатува во Брисел на крајот од неделата во која го одложи гласањето на пратениците за нејзиниот договор за брегзит и во која го преживеа гласањето за доверба во нејзиното лидерство со Конзервативната партија. Британската премиерка побара правни гаранции за контроверзниот план за спречување цврста граница помеѓу Северна Ирска и Република Ирска, ако не биде постигнат трговски договор. Но лидерите на ЕУ ѝ порачаа дека договорот, кој таа го постигна со Брисел, не е отворен за повторни преговори, иако се можни извесни појаснувања.