Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија денеска се согласија дека важечкиот договор со Иран е најдобар можен начин да се спречи Техеран да се стекне со нуклеарно оружје, се наведува во соопштението на Даунинг стрит 10.
Британската премиерка Тереза Меј во денешните телефонски разговори со францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел се согласија дека Договорот со Иран може да биде проширен на балистичките проектили.
– Лидерите се обврзаа заеднички да работат со САД за решавање на предизвикот што го претставува Иран, вклучително и на нов договор, се истакнува во соопштението.
Претходно, американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој е во посета на Саудиска Арабија изјави дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор постигнат со Иран во 2015 година доколку Вашингтон не се договори со европските партнери да се измени мултилатералниот договор со Техеран.
– Иран го дестабилизира целиот овој реон. Таа земја поддржува милиции и терористички групи. Ги снабдува со оружје бунтовниците Хути во Јемен. И го поддржува убиствениот режим на сирискиот претседател Башар ал Асад – истакна Помпео.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп докуметот со Иран го оцени како „најлош договор склучен некогаш“ и се закани дека ќе воведе нови санкции кон Техеран, освен ако европските сојузници Велика Британија, Франција и Германија не се согласат на измени. Повторното воведување на санкции кон Иран, најверојатно би значело крај на договорот.
Помпео по средба со министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел во петокот, изјави дека американскиот претседател се уште не донел одлука дали ќе се повлече од договорот со Иран.