Собирот во Швајцарија ќе ги обедини популистите, ќе им наметне еколошки политики на глобалистите и ќе стори сè во негова моќ за да го одбрани брендот

Автор: Лајонел Лорен

Блумберг

„Давос нема една страна, Давос е сестран“. Ваквата порака во хаику-стил на собирот во Швајцарија, кој е познат по тоа што се проповеда евангелието на емотивните чувари на капитализмот, додека истовремено хотдогот се продава за 43 долари, резервација на хотелска соба чини 10.000 долари и повеќето гости доаѓаат со приватни авиони, можеше да ја смисли секој од богатите, моќни и неупатени гости.

Фактот што ова потекнува од коосновачот на антикапиталистичкото движење „Окупирај го Волстрит“, Мајка Вајт, како дел од долгото објаснување зошто годинава ќе оди во Давос, кажува многу зошто најголемиот покровител на светскиот капитализам сè уште опстојува дури и во време на популистички гнев. Меурот на Давос сè уште има моќ да ги проголта сите оние што сакаат да го пукнат без разлика колку и да им е оправдан цинизмот.

Да бидеме искрени, одамна требаше „да се стави крај“ на ваквиот собир во Давос. Лани на настанот сите се чувствуваа виновно. Милијардерите на чуден начин се противеа на идеите за повисок данок за богатите. Сер Дејвид Атенборо пред публиката преполна со сопственици на приватни авиони велеше дека „повеќе не постои Рајот“. Масовно се прошири изјавата на историчарот Рутхер Брехман дека Давос е лицемерен центар на непродуктивна дебата. Пред присутните тој порача „повеќе да не се дискутира за филантропија, туку за даноците“.

И оваа година Давос пак е актуелен, само без Брехман, и тоа се враќа во неговиот препознатлив сјај. Гостите и натаму пристигнуваат со приватни авиони, само што овој пат беше кажано да користат „одржливо авионско гориво“. Клаус Шваб, организаторот на Давос, и овој пат ги пречекува моќните извршни директори, но од нив побара да се држат до стандардот за елиминирање на штетните емисии до 2050 година. Собите беа варосани со еколошки бои добиени од морска трева. Килимите беа изработени од рибарски мрежи и лесен пердувест материјал. Ако некој сметаше дека дебатите станаа поскромни, сега има 25 панели со наслов „Како да се спаси планетата“.

Давос не само што одлично знае како да им наметне зелени политики на глобалистите, туку и знае како да ги обедини популистите. Организаторите сфатија дека антиглобалистите на Давос само ќе му направат голема услуга. На пример, Мајка Вајт е пресреќен што ќе присуствува на „најмоќниот собир во светот“. Тој ќе зборува пред богатите и политичарите кои претходно жестоко ги критикуваше и сакаше „протестот да го претвори во напредок“. На настанот ќе присуствуваат и други „странци“: Грета Тунберг ќе се појави на иста сцена со Доналд Трамп, Французинот Бруно Ле Мер ќе го промовира данокот за технолошките фирми пред Сундар Пичаи од Гугл.

Давос сака да ја промовира ваквата маска на ексклузивна неутралност како главна вредност наместо да биде само една ефикасна верзија на Линкдин. Шваб за „Њујорк тајмс“ изјави дека „идејата е да се спојат сите влијателни луѓе со надеж дека ќе го искористат своето влијание на позитивен начин“. Поинаку кажано, сите најважни личности присуствуваат на собирот, дури и по цена да имаат судир на мислења, Давос на крајот ќе има најмногу корист. Како алпска верзија на познатата „Сохо хаус“, Давос е (непрофитабилен) клуб што живее и умира со неговата гостинска листа. Изјавата на Вајт за „сестраноста на Давос“ покажува дека се одржуваат и тајни состаноци што не се снимаат, односно еден вид на Давос во Давос.

Ова изгледа чудно во една ера на политички активизам и социјални медиуми, кога бојкотите избиваат одеднаш и предизвикуваат сериозна штета по брендовите. Дали може да се најде замена за Давос? Писателот Ананд Гиридарадас порача дека вистинските добродетели нема да се појават на ваков собир на милијардери и токму напротив, тие се трудат да дејствуваат преку Обединетите Нации за да креираат нова светска конференција. Лани за „Проџект синдикејт“ изјави дека „тие сакаат да отворат нов орган чија цел ќе биде да ротира меѓу одредени држави“.

Интересно е што ова е остварливо. Но националните верзии на Давос, како оние што ги промовираат Франција или Саудиска Арабија, не успеаја да ја задржат неутралноста или ексклузивноста на оригиналот. Можеби и не е така лесно да се создаде нов Давос, или можеби брендот одлично знае како да се заштити. Во 2018 година, конференцијата ги предупреди имитаторите дека „ќе ги употреби сите средства со кои располага за да го заштити брендот на Давос од недозволено присвојување“. Така успеа да ја зачува сликата како една вистинска светска сцена, покрај тоа што инцидентите како забраната за присуство на руските бизнисмени поради санкции (кои подоцна беа укинати), покажуваат дека, сепак, и тука има политика.

Последното предупредување на Вајт за критичарите на Давос има добра поента, а тоа е дека „лесно е за оние што не присуствувале во Давос да го отфрлат“. Можеби најексклузивниот собир во светот ќе пропадне ако понуди членство за сите. Дотогаш очекувајте гостите да пристигнуваат и понатаму со приватните авиони на еколошко гориво.

Превод: Билјана Здравковска