Во Германија вчера се одржаа парламентарни избори, кои, покрај власта во земјата, ќе одлучат и кој ќе биде новиот наследник на Ангела Меркел. Првичните процени од досега најнеизвесните избори говорат дека главната битка за идниот канцелар ќе биде меѓу претставникот на конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ), Армин Лашет, социјалдемократот (СПД) Олаф Шолц и кандидатката од партијата на зелените, Аналена Бербок
Сите очи вперени во резултатите од изборите за Бундестагот
Околу 60,4 милиони Германци вчера го избираа идниот состав на германскиот парламент и индиректно идниот канцелар, кој ќе ја наследи досегашната канцеларка Ангела Меркел.
Иако до затворањето на весникот сѐ уште не беа објавени првичните резултати од изборите за Бундестагот, сепак претходните анкети и процени говореа дека главната битка за идниот канцелар ќе биде меѓу претставникот на конзервативните демохристијани (ЦДУ и ЦСУ), Армин Лашет, социјалдемократот (СПД) Олаф Шолц и кандидатката од партијата на зелените, Аналена Бербок. Покрај нив, во Бундестагот најверојатно ќе влезат и партии што и сега имаат пратеници, а тоа се либералите (ФДП), крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и партијата Левица.
Шолц во мала предност пред Лашет
Во меѓувреме, според анкетите на јавното мислење што изминатата недела беа објавувани во Германија, СПД со канцеларскиот кандидат Олаф Шолц е во мала предност пред Унијата (ЦДУ/ЦСУ) со кандидатот Армин Лашет, а зад нив заостануваат зелените, со кандидатката Аналена Бербок.
Како што пишува германски „Дојче веле“, истражувањата на јавното мислење се само одраз на моментното политичко расположение и не можат да бидат земени со сигурност во однос на крајниот изборен резултат, дотолку повеќе што на овие избори излегуваат и голем број неопределени гласачи.
Според германскиот медиум, на сојузните избори во 2017 година најсилна партија беше ЦДУ/ЦСУ, со освоени 32,9 проценти гласови, СПД со 20,5 проценти, АфД трета со 12,6 проценти, следуваа ФДП со 10,7 проценти, Левица со 9,2 проценти и зелените со 8,9 проценти, но во овој случај и изборите од вчера може работите да бидат променети во целост.
Прашањето кој ќе владее е светска дилема
Бриселскиот магазин „Еурактив“, пишувајќи за вчерашните случувања во Германија, наведе дека иако Ангела Меркел во своите изјави во минатото неколкупати истакна дека прашањето кој ќе владее со земјата во иднина не е важно колку што е важна стабилноста на земјата и ЕУ, таа сепак минатата недела ги повика гласачите да гласаат за Армин Лашет, конзервативниот кандидат на нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) за Германија „да остане стабилна“.
– За Германија да остане стабилна, Армин Лашет треба да стане сојузен канцелар – кажа Меркел пред неделните избори.
Во исто време, меѓу можните опции за идната владејачка коалиција не е исклучен и сојузот „црвени-црвени-зелени“ на социјалдемократската СПД, партијата од радикалната левица Ди линке и зелените, пишуваат европските медиуми.
Таа коалиција меѓутоа не е најверојатна и е соочена со голем број идеолошки разлики меѓу трите партии. Меѓутоа конзервативците, кои не стојат најдобро во анкетите, изминатиот период мавтаа со таа можност како со црвена марама за да ги мобилизираат своите гласачи, пишува „Би-би-си“.
Инаку, мандатот на Меркел формално завршува со конститутивната седница на новиот Бундестаг, која мора да се одржи најдоцна 30 дена по изборите. Меркел останува практично како вршител на должноста сѐ додека Бундестагот не избере нов канцелар. По последните сојузни избори во 2017 година, тоа траеше околу половина година.