Миграцијата е европски предизвик и има потреба од европски одговор, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во однос на спорот во нејзината влада по ова прашање, а пред состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон.
– Според мене, ова прашање е клучно за зачувување на единството на Европа – рече таа.
Меркел не се согласува со министерот за внатрешни работи, Хорст Зехофер, поради неговото инсистирање некои баратели на азил да бидат враќани на граница. Меркел е против еднострани акции и тврди дека тие можат да ја ослабнат Европската унија.
Во своето неделно видео обраќање, канцеларката денеска ја идентификува миграцијата како еден од четирите главни предизвици за кои ќе разговара со Макрон на нивниот состанок во Германија во вторник со министри од двете влади.
Другите три големи теми се надворешната политика, одбранбената политика и иднината на еврозоната.