Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека е шокирана и тажна поради автобуската несреќа на германски туристи на португалскиот остров Мадеира, во која загинаа 29 лица, а 27 се повредени.
Таа изрази сочувство до семејствата на настраданите во несреќата.
Меркел изрази надеж дека повредените и нивните семејства ќе закрепнат од физичките и психичките повреди.
Канцеларката им се заблагодари на припадниците на португалските служби за вонредни состојби „кои работеа под тешки околности на местото на несреќата“.
-Автобусот се превртел вчера во 18.30 часот на стрмна падина, откако на кривина излетал од патот и удрил најмалку во една куќа во населено место, изјави градоначалникот на Фунчал- Филипе Соуша.
Потпретседателот на регионалната влада на Мадеира, Педро Каладо на прес-конференција рече дека повредените, меѓу кои и португалскиот возач и локалниот водич, се пренесени во локалната болница.
Португалскиот премиер Антонио Коста на Твитер напиша дека и упатил сочувство на германската канцеларка Ангела Меркел.
– Со голема тага ја примив веста за трагичниот настан во Мадеира- напиша тој.
Португалските власти соопштија дека ја испитуваат причината за несреќата.