Вашингтон – САД воведоа нови санкции кон 13 компании и физички лица од Кина, Ирак, Русија и од Турција поради поврзаност и поддршка на иранската ракетна програма. Санкциите против лицата и компаниите ќе бидат во времетраење од две години и тие предвидуваат ограничувања на какви било набавки и размени на услуги со Владата на САД. Овие мерки, како што најавија американските власти, се во согласност со напорите на САД да ги искористат сите расположливи мерки за да го спречат Иран да ги унапреди своите ракетни способности и развој на нуклеарно оружје.
Москва – Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) објави оти уапсила двајца четиринаесетгодишници што планирале напад врз училиште во Саратов. Според ТАСС, тинејџерите биле откриени во напуштена скривница, во која чувале скратена сачмарка и во која преку интернет-групи промовирале масовни убиства и самоубиства. Тие планирале да користат импровизирани поттикнувачи на пожари, кои ги направиле со упатства преку интернет. Руските медиуми објавија оти еден од тинејџерите сакал да убие 40 лица како одмазда.
Њу Делхи – Најмалку 24 свадбари настрадале во западна Индија, кога нивниот автобус паднал во една река. Полицијата соопшти дека возачот ја загубил контролата над автобусот кога му пукнала гума. Автобуските несреќи се честа појава во Индија, во кои годишно страдаат околу 110.000 лица
Вашингтон – Пожар избил во најголемата рафинерија за нафта „Маратон петролеум“ на западниот брег во САД , а во незгодата имало и повеќе жртви, објавија американските медиуми, повикувајќи се на изјави на очевидци. Противпожарните екипи се обидувале да го скротат огромниот пожар што избил во рафинеријата на „Маратон петролеум“ во градот Карсон, Калифорнија, каде што пламените јазици достигнале висина од најмалку 30 метри. Според првичните информации, причина за пожарот бил дефект во системот за ладење на рафинеријата, каде што пред да избие пожарот одекнала експлозија.