Берлин – Германската полиција уапси 12 члена на екстремно десничарска група што планирале напади врз џамии, политичари и азиланти. Уапсените лица биле дел од групата позната како „Јадро“. Четворица од нив се товарат за формирање на екстремистичката група, а се осомничени за нејзино финансирање, снабдување со оружје и друга поддршка. Полицијата смета дека уапсените биле поврзани со уште една десничарска група, „Војниците на Один“, која беше основана во Финска пред пет години. Германските власти го засилија прогонот на нелегалните екстремно десничарски групи по минатогодишното убиство на политичарот Валтер Лубке и серијата напади на синагоги во источниот дел на земјата.
Сан Хозе – Полицијата во Костарика заплени над пет тони кокаин, што е најголема таква заплена во оваа централноамериканска земја. Министерството за јавна безбедност на Костарика соопшти дека 5.048 килограми кокаин биле откриени во контејнер во карипското пристаниште Моин. Контејнерот, во кој наводно имало украсни билки, требало да оди со брод за холандскиот град Ротердам. Во полициската операција е уапсено едно лице, 46-годишен Костариканец, кој го донел контејнерот во пристаништето.
Москва – Руската државна компанија за производство на оружје „Ростех“ најави спојување на двата најпознати бренда на домашната воздухопловна индустрија – „Миг“ и „Сухој“. Спојувањето ќе се случи во рамките на корпорацијата „Обединета воздухопловна корпорација“, а како причина за таквиот чекор се наведуваат развојот и производството на сите руски воени авиони. Новата организациска структура ќе се занимава со развој, производство, продажба и одржување на сите актуелни и идни авиони на руското воено воздухопловство. Компанијата „Сухој“ на крајот на 2017 година беше најпрофитабилната компанија во составот на ОАК, а во 2018 година биле исполнети договорни обврски во вредност од околу 1,8 милијарда долари.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп побарал од Русија да ја запре поддршката за силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад. Во телефонскиот разговор со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, Трамп исто така изразил голема загриженост за насилството во сириската провинција Идлиб. Шефот на Белата куќа исто така побарал и политичко решение за конфликтот во Сирија, кој трае речиси девет години. Телефонскиот разговор помеѓу двајцата претседатели се случи пред новата рунда разговори меѓу Анкара и Москва, кои поддржуваат различни страни во конфликтот.
Довербата на руските граѓани во претседателот Владимир Путин изминатиот месец падна на најниско ниво за шест години, иако одобрувањето на начинот на кој рускиот лидер ја предводи државата останува високо, покажува истражувањето на независниот центар „Левада“, со седиште во Москва.
Во јануари годинава, Путин најави уставни реформи со кои ќе го зајакне парламентот и ќе ги намали надлежностите на претседателската функција, откако ќе му заврши шестгодишниот мандат во 2024 година. Западни експерти сметаат дека Путин со уставните реформи отвора можност да продолжи да владее со државата, без разлика на функцијата што ќе ја извршува во иднина.
Според резултатите од истражувањето, само 35 отсто од испитаниците изјавиле дека му веруваат на Путин, што претставува драматичен пад од регистрираната доверба од 59 отсто во ноември 2017 година. „Левада“ ја спровела анкетата меѓу 1.603 испитаници, во 50 руски региони, во периодот од 23 до 29 јануари.