Дамаск – Американската војска почна со изградба на нова база во североисточна Сирија. Американската воена база се наоѓа во Хасаки, еден од најголемите градови во североисточниот дел на земјата. Хасаки во најголем дел е контролиран од сириските Курди, но сириската влада и руските сили исто така имаат значително воено присуство во градот. Силите на САД контролираа поголем дел од територијата во источна Сирија до октомври, кога турските сили и нивните сојузнички милиции започнаа кампања против Сириските демократски сили (СДФ).
Техеран – Иранската државна телевизија соопшти дека Иран имал неуспешен обид да го лансира сателитот „Зафар“ во Земјината орбита. Од вселенската програма на иранското министерство за одбрана изјавиле дека „Зафар“ не стигнал до орбитата, како што било планирано, бидејќи не ја постигнал потребната брзина. Ова е трет неуспешен обид на Иран да лансира сателит откако ја почна вселенската програма во 2019 година.
Берлин – Стотици летови се откажани во Германија поради силното невреме во Северна Европа, во кое загина најмалку едно лице, причинета е материјална штета, а десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија поради ветрови со сила на ураган. Во Германија бурата се движи од запад кон исток на континентот откако ги погоди британските острови, ја зафати Франција и се шири источно кон Полска.
Њу Делхи – Министер од индиската држава Утар Прадеш ја разбранува јавноста барајќи забрана за бурката, што е дел од традиционалната муслиманска облека за жени. Рагураџ Синг, министерот за труд во Утар Прадеш, зборувал на неделниот настан во Агра кога ја замоли владата да ја забрани бурката, тврдејќи дека муслиманските жени го носат традиционалниот превез бидејќи се потомци на Супранака, митолошки лик во хиндуистичкиот еп „Рамајана“.