Сан Хуан – Речиси еден и пол милион лица, повеќе од половина од населението во Порторико, немаат струја по земјотресот што ги погоди Карибите, а неколку илјади граѓани ја минале ноќта на отворено бидејќи се урнати нивните домови или се изложени на ризик да бидат урнати. Земјотресот со јачина од 6,4 степени беше најсилниот што го погоди Порторико во изминатите сто години. Снабдувањето со електрична енергија на целиот остров не се очекува да биде воспоставено до викендот, бидејќи во земјотресот се оштетени електроцентралата „Коста Сур“ и друга енергетска инфраструктура.
Брисел – Европската Агенција за безбедност на авиосообраќајот (ЕАСА) ги предупреди земјите-членки да ги избегнат комерцијалните летови во воздушниот простор на Иран. Агенцијата, сепак, порача дека одлуката за суспендирање на комерцијалните летови на европските авиокомпании, првично е во рацете на националните власти на земјите-членки. Некои земји-членки на ЕУ веќе имаат издадено таква препорака до своите национални авиопревозници.
Германската „Луфтханза“ и францускиот „Ер Франс“ ги откажаа летовите на неопределено време над воздушните простори на Иран и Ирак поради зголемените тензии во регионот.
Пекинг – Првичната истрага за мистериозното вирусно воспаление на белите дробови, од кое се разболеа неколку десетици Кинези, покажа дека најверојатно причина е нов вид корона-вирус. Корона-вирусите се шират со кашлање или кивање или со допирање заразено лице, а некои може да предизвикаат грип или посериозни респираторни заболувања како што се САРС и МЕРС. Во Кина досега повеќе од 50 лица се заразиле со оваа болест, и тоа 38 во Хонгконг.
Берлин – Германската влада лани одобрила рекорден извоз на оружје вреден повеќе од осум милијарди евра. Вредноста на дозволите за извоз се зголемила од 4,824 милијарди евра во 2018 година, на 8,015 милијарди евра лани. Од одобрениот извоз, 32 отсто е поврзан со оружје, а остатокот со воена опрема.
Одобренијата за извоз на оружје во земји надвор од Европската Унија и од НАТО, кои во некои случаи беа контроверзни поради стравувањата од злоупотреби на човековите права, се зголемиле за речиси една милијарда евра.