Уагадугу – Најмалку 35 цивили, меѓу кои и 31 жена, се убиени во напад на џихадистите врз воена база и град во Буркина Фасо. Локалните власти соопштија дека се убиени и седум војници, како и 80 исламистички милитанти во градот Арбинда, во северната провинција Сум. Џихадистичките групи во изминатите години ги засилија нападите во Буркина Фасо и во други земји од Западна Африка. Насилството продолжува и покрај напорите на западните земји да им помогнат на регионалните влади во борбата против џихадистите.
Сантијаго – Најмалку 120 куќи се уништени во големиот пожар што го зафати чилеанскиот град Валпараисо, што се наоѓа на сто километри оддалеченост од престолнината Сантијаго. Градоначалникот на Валпараисо Хорхе Шарп прогласи вонредна состојба во градот, во кој голем број жители беа принудени да се евакуираат. Шарп истакна дека пожарот, што избувнал во ридовите на најсиромашниот дел на градот, е подметнат. Големиот пожар го прекина снабдувањето со струја на 90.000 домаќинства, а поради високите температури и силниот ветер гаснењето на огнената стихија е значително отежнато.
Тунис – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна во ненадејна посета на Тунис за да разговара со својот туниски колега Каис Саид. Посетата доаѓа во време кога Турција се обидува да постигне договор со земјите од Медитеранот, каде што Анкара е во спор со Грција за користењето на ресурсите на дното на морето во близината на Кипар. Турција во ноември потпиша поморски договор со меѓународно признаената влада во Либија, што ја разгневи Грција, која смета дека договорот го крши меѓународното право. Анкара, од друга страна, тврди дека со договорот сака да ги заштити своите права во регионот.
Ватикан – Римокатоличкиот поглавар, папата Франциск, им порача на верниците дека господ „ги сака сите, па дури и најлошите помеѓу нас“. Во обраќањето на Бадник, кој се прославува според грегоријанскиот календар, папата Франциск од Ватикан испрати порака за љубов, мир и толеранција. Тој ги повика верниците да дозволат Исус да ги преобрати со својата љубов и да престанат да се обидуваат да ги променат другите.