Тел Авив – Во Израел ќе се одржат нови избори, трети за помалку од една година, бидејќи ниту една партија не доби мнозинство неопходно за формирање влада. Крајниот рок за формирање на владата истече вчера на полноќ, при што пратениците од најголемите партии Ликуд и Сино-белите во средата поднесоа предлог-закон за распуштање на парламентот и нови избори на 2 март. Актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот главен ривал Бени Ганц не успеаја да формираат влада, иако нивните партии имаат освоено 32 односно 33 места, од вкупно 120 места во парламентот.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го потпише Законот за одбрана, за кој се предвидени 738 милијарди долари наменети за сите политики од семеен одмор до воени авиони. Двата дома на Конгресот треба да го изгласаат законот за да стапи во сила, но демократите најавија дека ќе гласаат против. Трамп порача дека Конгресот не треба повеќе да го одложува законот и веднаш да го потпише.
Мадрид – Шпанскиот крал Фелипе Шести му го додели мандатот на досегашниот премиер Педро Санчез за формирање влада. Социјалистичката партија доби најмногу гласови на изборите во ноември и има 120 пратеници. На Санчез му се потребни уште 56 гласа во парламентот за да има мнозинство. Според шпанскиот Устав, монархот доделува мандатот за формирање влада по консултации со партиските лидери.
Мурманск – Рускиот носач на авиони „Адмирал Кузњецов“ се запалил додека го поправале на докот во Мурманск, при што се повредени три лица. Според првичните податоци, пожарот ја зафатил првата единица за напојување, а се верува дека тој избувнал поради непочитување на правилата за безбедност при поправка. „Адмирал Кузњецов“ моментно е единствениот активен руски носач на авиони.