Маунтин вју – „Гугл“ соопшти дека четворица вработени се отпуштени бидејќи биле активни во организирање синдикат во компанијата. Канцеларијата за безбедност и истрага на компанијата „Гугл“ испратила допис до своите вработени за отпуштањето на четворицата вработени поради јасни кршења на правилата за безбедност на податоците.
Берлин – Илјадници трактори пристигнале во Берлин во рамките на протестот на фармерите поради земјоделските политики на германската влада. Берлинската полиција соопшти дека речиси 5.000 трактори и 10.000 земјоделци пристигнале во градот, за да протестираат против прописите за заштита на животната средина, за кои сметаат дека се многу рестриктивни. Земјоделците тврдат дека Владата треба да соработува со нив и со еколошките групи за да најдат начини за заштита на животната средина со зачувување на конкурентноста на земјоделските стопанства.
Бамако – Тринаесет француски војници загинале во хеликоптерска несреќа во текот на операција против џихадистите во Мали. Несреќата се случила при судир на два хеликоптери на француската воена авијација. Мали е разорено од насилства уште од 2012 година, кога исламистичките бунтовници го презедоа северниот дел на земјата. Со француска воена помош, армијата на Мали си ја врати територијата, но несигурноста таму продолжува, а насилството се прошири и во други земји во регионот.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп го одликува со медал и плакета за храброст кучето Конан, кое учествуваше во операцијата на американските специјалци за ликвидација на лидерот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади. Кучето беше полесно повредено во операцијата во Сирија што беше спроведена на почетокот на минатиот месец.