Брисел – Европскиот министер за надворешни работи, Јозеп Борел, остро ги критикуваше либанските политичари за доцнењето во формирањето на новата влада, предупредувајќи дека Европската Унија може да воведе санкции за одговорните за политичкиот ќор-сокак во земјата. Борел ја даде изјавата во претседателската палата близу Бејрут, по средбата со претседателот Мишел Аун. Ова е негова прва средба за време на дводневната посета на Либан.
Техеран – Ибрахим Раиси е новиот претседател на Иран. Тој ги победи тројцата кандидати на изборите, на кои им беше забрането да учествуваат на уште неколку кандидати. Раиси е главен ирански судија и има конзервативни ставови. Се наоѓа на списокот на американски санкции за наводни повреди на човековите права, јави РСЕ. Иранскиот претседател е втор највисок функционер во земјата, по врховниот водач. Претседателот има значително влијание врз внатрешната политика и надворешните работи. Сепак, врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи, го има последниот збор за сите државни прашања.
Москва – Најмалку четири лица загинале во пад на авион со рекреативни падобранци во регионот Кемерово во Сибир. Постојат спротивставени извештаи за бројот на луѓето што биле во авионот „Л-410“. Според официјалните лица, четири лица починале, а други 15 биле повредени. Локалниот разгранок на Федералното биро за истраги соопшти дека ги истражува причините за несреќата што се случила во близината на аеродромот „Танај“, околу 10 часот по локално време. Наведено е дека авионот се враќал на аеродромот откако еден од пилотите испратил сигнал за помош поради дефект на еден од моторите.
Њујорк – ООН повика да запре продажбата на оружје на Мјанмар, како одговор на годинашниот насилен воен удар. Генералното собрание усвои резолуција со која се осудува воената хунта, која ја собори избраната влада на земјата во февруари. ООН исто така повика на ослободување на политичките затвореници, како што е избраната лидерка Аунг Сан Су Чи, и да се стави крај на насилството врз мирните демонстранти. Иако не е законски обврзувачка, резолуцијата е политички значајна.