Вашингтон – Американскиот Конгрес усвои предлог-закон, според кој, 19 јуни е прогласен за празник во спомен на крајот на ропството и заминувањето на последните робови во 1865 година во државата Тексас. Претставничкиот дом на Конгресот го усвои нацрт-законот доцна во вторникот со 415 гласа и 14 против, а Сенатот го направи тоа едногласно. Барањата тој ден да биде прогласен за празник зачестија по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој почина по апсењето на 25 мај 2020 година.
Техеран – Тројца кандидати се откажаа од претседателските избори во Иран на последниот ден од кампањата, со што останаа само четворица кандидати за изборите закажани за денес. Иранските медиуми јавуваат дека Мохсен Мехрализадех, 64-годишен поранешен потпретседател во времето на реформистичкиот претседател Мохамад Катами, се повлекол од трката заедно со кандидатите Алиреза Закани и Саид Џалили.
Париз – Во Франција носењето маска на отворено од денеска не е задолжително, освен во одредени околности како што се собири, преполни места или стадиони, изјави францускиот премиер Жан Кастекс. Премиерот најави дека полицискиот час, кој започнува во 23 часот, ќе биде откажан в недела. Премиерот додаде дека со две дози вакцина против коронавирусот треба до крајот на август да бидат вакцинирани 35 милиони од вкупно 67 милиони француски граѓани.
Пекинг – Кина лансира ракета со тројца астронаути во ниската орбита на Земјата. Мисијата „Шенжу 12“ е прва екипажна мисија на Кина до вселенската станица Тиангонг. Кина традиционално објавува многу малку детали за нејзините вселенски мисии. Не е јасно колку време ќе трае мисијата. Астронаутите може да поминат со месеци во орбитата, тестирајќи системи и подготвувајќи се за следните модули и вселенското летало „Тијанж“.