Киев – Обединетите нации го прогласија 26 април за Меѓународен ден на сеќавање на катастрофата во Чернобил. Денот првпат беше забележан во 2016 година, по повод 30-годишнината од нуклеарната катастрофа во 1986 година. Меѓународниот ден на сеќавање на катастрофата во Чернобил вклучува настани низ целиот свет посветени на издигање на свеста за последиците од катастрофата во Чернобил и воопшто за ризиците од нуклеарната енергија. Катастрофата во Чернобил беше несомнено најтешката нуклеарна несреќа во историјата.
Багдад – Во пожарот, кој зафати ковид-болница во Багдад, загинаа 82 лица, а 110 се повредени, соопшти ирачкото министерство за внатрешни работи. Пожарот го зафатил Одделот за интензивна нега во болницата во Багдад, кој се користел за лекување пациенти со ковид-19. Небрежноста е причина за пожарот што избувна во болницата „Ибн ал Хатиб“ во раните утрински часови викендов, а извештаите укажуваат на тоа дека експлодирала боца со кислород.
Ереван – Ерменскиот премиер Никол Пашинијан ја понуди својата оставка, со што формално се отвора патот за одржување парламентарни избори во земјата, во обид да се смири политичката криза поттикната од војната со Азербејџан, минатата година. Пашинијан соопшти дека до гласањето ќе ги исполнува должностите на премиер и дека планира и да учествува на изборите, односно ќе биде кандидат за премиер. Тој вели дека ќе ја почитува волјата на граѓаните и од нив ќе зависи дали тој ќе биде премиер.
Виена – Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Австрија нема да ја чека ЕУ во врска со таканаречениот „зелен пасош“ за патување на оние што се тестирани и вакцинирани против ковид-19. Тој посочи дека подготовките се во тек неколку месеци и дека „зелениот пасош“ треба да започне да се применува од 19 мај, кога започнува олеснувањето на епидемиолошките мерки.