Пекинг – Кинескиот министер за надворешни работи ја предупреди Јапонија да не се здружува со САД со намера да ѝ се спротивстави на Кина, во пресрет на американско-јапонскиот состанок што ќе се одржи следната недела. Во телефонски разговор на 5 април, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји му рече на својот јапонски колега дека нивните две земји треба да обезбедат билатералните односи „да не се мешаат во таканаречената конфронтација на големите земји“.
Брисел – Претседателите на ЕС и на ЕК, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лејен, во Турција треба да се сретнат со турскиот претседател Таип Ердоган. Посетата на челните луѓе на Унијата на Турција, според експертите, е нов знак за подобрување на билатералните врски. ЕУ деновиве изрази подготвеност повторно да разговара со Турција по повеќемесечни тензии во источниот дел на Средоземно Море, но постави услови за турскиот претседател, повикувајќи на намалување на напнатоста.
Токио – Јапонија, близок сојузник на САД, кој е домаќин на поморските и воздушните бази на САД, ја споделува загриженоста на САД во врска со кинескиот воен напредок и тврди дека има територии во морето на Јужна и Источна Кина. Јапонскиот премиер Јошихиде Суга на 16 април ќе се состане со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон. Суга ќе биде првиот странски лидер што го прими Бајден во САД откако ја презеде функцијата во јануари.
Виена – Американскиот Стејт департмент ги намали очекувањата од индиректните разговори, кои започнуваат неделава во Виена меѓу Вашингтон и Техеран, за продолжување на усогласеноста со нуклеарниот договор од 2015 година, наведувајќи дека очекува разговорите да бидат тешки. Техеран ги отфрли билатералните разговори лице в лице, но присуството и на Иран и на САД во главниот град на Австрија е поздравено од Вашингтон како „здрав чекор напред“ што ќе помогне да се насочат напорите за враќање на сите страни во согласност со договорот.