Вашингтон – Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, денеска ќе престојува во Виетнам како дел од неговата турнеја низ Азија, соопшти виетнамската влада. Со оваа посета, како што се наведува, ќе се одбележи 25-годишнината од дипломатските односи меѓу двете земји. Американскиот Стејт департмент не потврди дека Помпео ќе го посети Виетнам на својата турнеја. Инаку, Помпео пристигна на Малдивите во средата по посетите на Шри Ланка и Индија и денеска треба да одржи состаноци и во Индонезија.
Нагорно Карабах – Смртоносните судири меѓу азербејџанските и ерменските сили се интензивираа во сепаратистичкиот регион Нагорно Карабах, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за пропаѓањето на третиот обид за прекин на огнот. Двете страни пријавија цивилни жртви денеска, два дена откако прекинот на огнот, постигнат со помош на САД, стапи во сила.
Париз – Најмалку три лица загинаа, а неколку други се повредени во напад извршен со нож во близината на црква во областа Нотр Дам, во Ница, вчера во раните утрински часови. Како што пренесуваат локалните медиуми, повикувајќи се на француските власти, напаѓачот викал „Алаху акбар“. Во меѓувреме вчера од јавноста беше побарано да ја избегнува областа, додека вооружената полиција спроведува голема безбедносна операција.
Прага – Во Чешка се намалува бројот на новозаразени лица, така што во последните 24 часа се регистрирани 12.977 нови случаи, а 128 лица починаа. Вчерашниот биланс на новозаразени е за три илјади помалку од претходниот ден. Податоците на чешкото министерство за здравство покажуваат дека бројот на заразени се зголемил на 297.013, а бројот на смртни случаи се искачил на 2.675. Според „Ројтерс“, Чешка се соочува со најбрза стапка на инфекција во Европа во последните две недели. Во таа земја пред два дена е воведен полициски час.