Властите во јужно Мексико го разоружија и ставија под истрага целиот полициски оддел на Акапулко, поради тврдењата дека локалните криминални групи се инфилтрирале во полицијата, пишува „Њујорк пост“.
Во сојузната држава Гереро се издадени налози за апсење двајца полициски командири во Акапулко, обвинувајќи ги за убиство. На останатиот дел од полициските службеници им беше одземено оружјето, како и радијата и заштитните панцирп-елеци, со што тие ќе бидат предмет на интерна истрага. Војската, маринците и државната полиција ги преземаа должностите за спроведување на законот во популарното одморалиште со 800 илјади жители.
Минатата година Акапулко имаше една од највисоките стапки на убиства во светот, со 103 убиства на 100 илјади жители.
Ваквата практика за разоружување на локалната полиција не е невообичаена во Мексико, со што само во сојузната држава Гереро беше спроведена во десетина градови од 2014 година.
Ниските плати и недоволната обученост на локалната полиција во Мексико ги прават нејзините службеници лесни цели за нарко-картелите, кои ја купуваат нивната послушност со пари, или пак, им се закануваат доколку одбијат да соработуваат.
Познати се случаите во кои полицајци вршеа киднапирања по наредба на картелите во Гереро и во Веракруз, испорачувајќи им ги жртвите на криминалците.