Компанијата „Мајкрософт“ победи на американскиот воен тендер за набавка на лична опрема базирана на технологијата „проширена реалност“, обезбедувајќи нарачка чија вредност може да порасне на 21,9 милијарди долари во следните 10 години.
Компанијата работела со војската две години за да се изработи прототип на „интегриран систем за визуелно проширување“ (IVAS), а во средата објави дека војската ја започнала фазата на производство.
Техничкиот соработник на „Мајкрософт“, Алекс Кипман, објави дека станува збор за очила дизајнирани да создадат подобрена перцепција за состојбата во која се наоѓа една личност, овозможувајќи размена на информации и донесување одлуки во различни сценарија.
Очилата ќе бидат произведени во САД, изјавил портпаролот на „Мајкрософт“ за „Ројтерс“.
„Мајкрософт“ со Пентагон исто така требаше да потпише договор вреден 10 милијарди долари за компјутерски услуги во облак платформа, но договорот сепак е спорен, по тужбата од „Амазон“.
Претставници на Пентагон во февруари им соопштија на пратениците во Конгресот дека Министерството за одбрана може да се повлече од договорот во случај на долга судска постапка.