Мајката на озлогласениот терористички лидер Осама бин Ладен, Алија Ганем, првпат зборуваше за нејзиниот син 17 години по нападите на Светскиот трговски центар во Њујорк на 11 септември 2001 година, осврнувајќи се на неговиот живот, како и на последиците од неговите дела, во разговорот со британски „Гардијан“ во нејзиниот дом во Џеда, Саудиска Арабија.
За Алија Ганем, некогашниот водач на Ал каеда, уште е сакан син, кој го загубил патот, што таа смета дека се случило додека студирал на универзитетот во Џеда.
– Луѓето на универзитетот го сменија. Тој стана различен човек. Тој беше добро дете, се додека не запозна некои луѓе што му го испраа мозокот во неговите рани 20-ти години. Можете тоа да го наречете култ. Тие добиваа пари за нивната кауза. Секогаш му велев да биде настрана од нив, но тој не сакаше да признае што прави, бидејќи ме сакаше многу – вели Алија Ганем.
Приказната за Бин Ладен ја раскажуваат и нејзините преостанати два сина, Хасан и Ахмад, посочувајќи дека семејството уште се справува со неговото џихадистичко минато.
– Сите што го запознаа во неговата младост го почитуваа. На почетокот, сите бевме горди на него. Дури и саудиските власти се однесуваа кон него со почит. А потоа се појави Осама муџахединот. Горд сум на него бидејќи тој е мојот постар брат. Но, мислам дека не сум горд на него како човек – објснува Хасан.
Слично мислење има и мајката на Бин Ладен.
– Тој беше многу добар на училиште. Навистина сакаше да учи. Ги трошеше сите пари на Авганистан. Никогаш немаше да помислам дека ќе стане џихадист. Бевме многу вознемирени кога тоа се случи. Не сакав ништо од ова да се случи. Зошто да отфрли се? – порачува Алија.
Семејството последен пат го видело Бин Ладен во неговата база во Кандахар, Авганистан, во 1999 година. Синовите велат дека нивната мајка одбива да ја прифати вината на Осама за неговите дела, и оти не е потполно објективна кога зборува за него.
– Поминаа 17 години од 11 септември, а таа уште живее во одрекување. Таа го сакаше многу и одбива да го обвини. Наместо тоа, таа ги обвинува оние околу него. Таа го знае единствено доброто момче, неговата страна која сите ја видовме. Никогаш не ја запознавме страната на џихадистот – вели Ахмад.
Но, најблиските знаеле оти тој е виновен за нападите во Њујорк.
– Бев шокиран, запрепастен. Тоа беше чудно чувство. Веднаш знаевме дека тоа е Осама, во првите 48 часа. Сите бевме засрамени од него, од најмладиот до највозрасниот. Знаевме дека ќе трпиме страшни последици – истакна Ахмад.
Наследството на Бин Ладен останува едно од отворените прашања за Кралството Саудиска Арабија, бидејќи џихадистот уште е популарен во одредени делови од земјата. Згора, САД веруваат дека синот на Бин Ладен, Хамза (29), го наследил неговиот татко во Ал каеда, со поддршката на сегашниот лидер на терористичката организација Ајман ал-Завахири. Постапките на Хамза ја отежнувааат ситуацијата на семејството на Бин Ладен, како и на властите во државата да го остават минатото зад нив и да ги осудат делата на џихадистот. Бин Ладен беше убиен во акцијата на американските специјални сили во Пакистан, на 2 мај 2011 година.