ИСИС

Криминални организации и терористички групи сакаат да го искористат моментот, кога повеќето држави во светот се мачат со последиците од пандемијата, за да ги прошират своето влијание и територијата

Криминалните и терористичките организации се обидуваат да профитираат од економските и безбедносните слабости предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Во Италија и во остатокот од Европа, мафијата ја користи здравствената криза за да ги рашири своите криминални бизниси. Во Ирак, Исламската држава сака да зајакне и да ги врати териториите, користејќи ги коронавирусот, повлекувањето на Американците и тензиите меѓу САД и Иран.
Мафијата во својата 150-годишна историја на југот на Италија секогаш профитирала за време на вонредни состојби. За време на економската криза во Италија, мафијашките групи ги испраа своите пари од трговијата со дрога, инвестирајќи и стекнувајќи контрола врз проблематичните бизниси.

Пандемијата на коронавирусот ѝ нуди нова бизнис-можност на мафијата во повеќе европски земји. Строгите карантински мерки, полициските проверки и приземјените летови ги укинаа значителните приливи на мафијата од трговијата со дрога, проституцијата и од рекетот, но криминалните групи се подготвени да профитираат од она што доаѓа по ковид-19. Во момент кога Европа се обидува да реинвестира и да ја изгради својата економија, испробаниот мафијашки метод на инфилтрирање во легитимните приватни бизниси за да ги искористи слабостите на опустошената економија може да се покаже особено ефикасен.

– Вирусот и мафијата докажаа дека не познаваат граници – вели Џузепе Говернале, шеф на италијанскиот директорат за истраги против мафијата (ДИА).
Европратеничката Сабрина Пињедоли нагласува дека ниту една земја не е имуна на проблемот, посочувајќи оти ризик се и руската и албанската мафија.

МАФИЈАШКИ МЕТОД НА ИНФИЛТРИРАЊЕ

Мафијата има посебен метод за профитирање во моменти на криза. Како што посочува Маурицио де Лусија, главен обвинител во Месина, криминалните групи, како Ндрангета, кои контролираат голем дел од европската трговија со кокаин, ќе им понудат пари на компаниите со тешкотии во замена за удел.
– Мафијата му нуди заем на сопственик на бизнис кому му требаат пари. Тој знае со кого си има работа, но мисли дека може да се справи со ситуацијата. Греши – вели Де Лусија, опишувајќи го мафијашкиот метод.

Мафијата потоа ќе бара од сопственикот да ангажира лице, кое брзо ќе почне да наредува, менувајќи ги операциите на фирмата. Сопственикот ќе се буни, велејќи дека тоа е негова фирма, но ќе добие негативен одговор. Тој ќе стане лице на компанијата, а мафијата ќе профитира од неговите односи со банките.
Италијанската полиција предупреди дека во наредниот период се очекуваат мафијашки пробиви во бизнисите поврзани со снабдувањето со храна, здравствена инфраструктура, медицински материјали, како и во угостителскиот сектор. Мафијашките групи, исто така, сѐ повеќе гледаат шанси во економии со високи стапки на пораст, како во Источна Европа, но и во земјите што претставуваат даночни оази. Мафијата веќе ја инфилтрира германската економија и има силно влијание во Шпанија, главно во хотелите и туризмот, како и во Франција и во Белгија, според европратеничката Пињедоли.
Во изминатата деценија, италијанската мафија ефикасно ги користеше и фондовите на ЕУ, а тоа сигурно ќе биде полезно во периодот кога ЕУ ќе дава пари за помош на економиите опустошени од вирусот, посочува „Политико“.
Како што посочува Европол, некои криминални групи ја користат вонредната состојба за да влезат и во бизнисот со медицински материјали. Европол посочува дека во изминатиот период расте трговијата со лажни заштитни маски и ракавици.

Минатиот месец, во меѓународна операција беа уапсени над 121 лице и беа запленети потенцијално опасни фармацевтски и медицински производи во вредност од 13 милиони евра, меѓу кои и над 34.000 маски. Европол исто така посочи на грабежи во повеќе земји на ЕУ, во кои криминалци се претставувале како полицајци или здравствени работници и нуделе „корона-тестови“.
Криминалните организации во моментот го користат фактот што европските земји се фокусирани на непосредните ризици од пандемијата. Како што посочува Пињедоли, организираниот криминал сега е европски приоритет.

ИСИС бара нови НАПАДИ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

Слична стратегија има и ИСИС во Ирак, кој ги користи пандемијата, повлекувањето на Американците и нивните сојузници, како и тензиите меѓу САД и Иран, за да ги засили своите редови, според „Форин полиси“.
Американските сили во Ирак во моментот се во фаза на повлекување и на заштита на припадниците од напади, откако американски беспилотни летала во јануари во Багдад ги убија иранскиот генерал Касем Сулејмани и неговиот ирачки сојузник, командантот Абу Махди ал Мухандис. Овој безбедносен вакуум во Ирак се обидува да го пополни ИСИС, но и Иран, кој контролира значителен број ирачки паравојски и е доминантен националната влада предводена од шиитите. Ирак во иднина може да стане бојно поле меѓу сунитски ИСИС и шиитски Иран, прогнозира американскиот магазин.
Во својот пропаганден магазин „Ал наба“, ИСИС ги повика припадниците да ги засилат нападите против непријателите, кои се мачат со коронавирусот.

– Стравот од заразата повеќе влијае врз нив дури и од самата зараза. Најмалку што ќе сакаат е да испратат повеќе свои војници во региони во кои болеста веројатно ќе се шири или, пак, ќе треба да ги враќаат дома за да ги минимизираат масовните собири и контакти меѓу луѓето – посочува „Ал наба“.
Овие прогнози во Ирак веќе почнаа да се остваруваат бидејќи неколку членки на коалицијата, како Франција и Британија, ги повлекоа своите сили од земјата и ги прекинаа програмите за обука за да ги заштитат своите војници од ковид-19.
Во меѓувреме, воените операции на САД против Иран предизвикаа бес кај ирачките политичари, кои гласаа за протерување на американските сили од Ирак. Евентуална ескалација на тензиите значи дека САД ќе ги фокусираат своите ресурси главно на Иран, додека борбата против ИСИС ќе биде второстепена. САД имаат уште околу 5.000 војници во Ирак, поделени во неколку бази. Претставници на Пентагон се надеваат дека военото присуство на САД во Ирак ќе се преполови, а експертите посочуваат дека тоа ќе го искористи ИСИС.

– Точно е дека ИСИС денес е само сенка на онаа организација што дејствуваше претходно и американското повлекување нема да ја трансформира веднаш. Ако коалициските сили заминат сега, ќе поминат неколку години пред ИСИС да се врати, ама ќе се врати. Тоа е лекција од минатото – предупредува Мајкл Најтс, експерт од Институтот за блискоисточни политики во Вашингтон.