Народната партија на староседелците Маори во Нов Зеланд, покрена петиција за промена на официјалното име на земјата во Аотеароа, што е името на автохтониот јазик во земјата.
Лидерите на партијата што ги застапува интересите на народот Маори – Равири Ваитити и Деби Нгарева-Пакер, изјавија дека оваа партија сака да го усогласи името на земјата со јазикот Те Рео Маори, кој е јазик на овој домороден народ, пишува „Гардијан“.
– Одамна помина времето Те Рео Маори да се врати на вистинското место како прв и официјален јазик на оваа земја. Ние сме полинезиска земја – ние сме Аотеароа. Тоа е име што ќе ја обедини нашата земја. Други се обидуваат да се искористи оваа тема за поделби. Нов Зеланд е холандско име – велат Маорите.
Покрај барањето за промена на името на земјата, петицијата исто така ја повикува владата на Нов Зеланд да ги врати оригиналните имиња за сите места и градови на јазикот Те Рео Маори до 2026 година.
– Нашите луѓе се болни од смрт, бидејќи имињата на нашите предци се осакатени и запоставени. Ова е 21 век и тоа мора да се промени. Обврска на владата е да стори сѐ што може за да го врати полноправниот статус на нашиот јазик. Тоа значи дека ќе мора да биде достапен на телевизија, радио, патоказите и во образовниот систем – се вели во петицијата.
Минатата година, премиерката на Нов Зеланд, Џacинда Ардерн, се осврна на официјалната промена на името на земјата и изјави дека тоа не е опција што се разгледува, но дека ѝ е драго што сѐ почесто го слуша името Аотеароа во јавност.
Петицијата за промена на името на државата доаѓа 49 години откако беа иницирани барањата за вклучување на маорскиот јазик во официјалната комуникација на Нов Зеланд, што на крајот вроди со плод, така што јазикот официјално беше вклучен како официјален јазик во земјата.