Францускиот претседател Емануел Макрон истакна дека соработката помеѓу Европа и Кина за намалување на емисиите на штетни гасови, одговорни за климатските промени ќе биде „пресудна“. Неговата изјава уследи откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека поднела формално барање за повлекување на САД од Парискиот договор за климата.
– Сакаме да бидеме во согласност со Парискиот договор, следната година мора да ги зголемиме своите обврски за намалување на емисиите и мораме да ги потврдиме новите обврски за 2030 и за 2050 година. Соработката помеѓу Кина и Европската Унија е пресудна за тоа. Следната година мораме во согласност со програмата за подобрување, колективно да преземеме задача – наведе Макрон.
Кина и Франција на овогодинешниот Самит на Г-20 ветија дека ќе ги „актуелизираат“ своите придонеси во борба против климатските промени.
Повлекувањето на САД од Парискиот договор е формален чекор во едногодишниот процес за излегување од глобалниот сојуз за борба против климатските промени, а дел од пошироката стратегија на Трамп за намалување на преголемата регулација во американската индустрија.
САД се прва држава која се повлекува од Парискиот договор.