Францускиот претседател Емануел Макрон остро предупреди да не се избрзува со проширувањето на ЕУ со што покажа дека шестте балкански земји кои сакаат да станат членки може да се соочат со тешка задача, пишува британскиот весник „Фајненшл Тајмс“.
На вчерашниот Самит во Софија Макрон изјави дека ЕУ избрзала со проширувањето по последниот Самит за Западен Балкан кој се одржа во 2003 година и последните 15 години покажале дека тој пат ја ослабнува Европа. Францускиот претседател истакна дека го поддржува поврзувањето на Балканот со Европа, но предупреди дека Брисел може да гледа многу претпазливо на секое ново проширување.
Според дипломати, Франција искажува скептицизам кон препораката на Европската комисија за почнување преговори за членство со Албанија и Македонија. Лидерите на Унијата може да гласаат за тоа на следната средба, пишува „Фајненшл Тајмс“ истакнувајќи дека францускиот претседател веќе изјавил оти Европа треба да се реформира пред да мисли на нови членови.