Според анкета спроведена од страна на „Харис Интерактив“, рејтинзите на францускиот претседател Емануел Макрон повторно достигнаа 40 отсто во мај, што значи дека се приближно на исто ниво како она што беше пред да почне деветмесечниот бурен период со „жолтите елеци“ пред девет месеци, пренесува европскиот „Политико“.
Проблемите на Макрон започнаа минатиот јуни откако тој се соочи со критики поради неговиот телохранител кој беше снимен како претепува демонстранти за време на Први мај, а проблемите се влошија по оставката на министерот за екологија, Николас Хулот, кој се пожали поради недостатокот од посветеност на владата за животната средина. Низата проблеми ескалираше есента минатата година со демонстрациите на „жолтите елеци“, кои протестираа секоја недела.
Но, се чини дека рејтинзите за Макрон во последно време се зголемуваат заедно со оние на францускиот премиер Едуард Филип. Луѓе блиски до премиерот информираат дека резултатите од анкетите често варираат, но им се припишува пораст за рејтинзите на владата поради одредени правилни одлуки, како пресвртот на данокот за пензиите, спроведените мерки за куповната моќ на мали добра, а сето тоа како одговор на барањата на „жолтите елеци“.
Бројките месецов покажуваат значително подобрување во рејтинзите на Макрон и Филип меѓу поврзаниците на Социјалистичката партија, при што двајцата добија по 19 поени во споредба со месец април.