Францускиот претседател, Емануел Макрон, побара серија истраги за случајот со шпионскиот софтвер „Пегаз“, изјави премиерот Жан Кастекс за радиодифузерот „ТФ1“.
Изјавата на Кастекс следува по обелоденувањето дека телефонот на претседателот Макрон во 2019 година можеби бил цел на шпионскиот софтвер „Пегаз“, развиен од групацијата НСО со седиште во Израел.
Француски „Ле Монд“ објави дека телефонот на Макрон бил идентификуван како можна цел на шпионскиот софтвер „Пегаз“, кој неодамна се најде на насловните страници кога новинарска истрага откри дека бил користен за шпионирање илјадници политичари, бизнисмени и новинари во светот.
„Ле Монд“ посочи дека мароканските разузнавачки служби можеби ги шпионирале телефоните на Макрон, како и на тогашниот премиер Едуард Филип и на уште 14 министри.
Во исто време Кастекс посочи дека е прерано да се разговара за можната реакција на Франција додека не се дознаат сите детали.
Група од 17 истакнати медиуми и групи за заштита на човековите права во неделата објави извештај во кој детаљно се наведува како шпионскиот софтвер „Пегаз“, развиен од израелската група НСО, бил користен од клиенти поврзани со владата за хакирање најмалку 50.000 телефонски броеви во разни земји, вклучително и во Франција.
Групацијата НСО ги отфрли извештаите како „непотврдени теории“, истовремено изразувајќи сомнежи за доверливоста на изворите на истрагата.